Во студиото „Фејмс“ во Скопје се снима оригиналната музика за „Слушни ме“, музички документарен филм за Марко Маринковиќ-Слаткаристика и неговиот личен пат со пелтечењето.
Музиката за филмот, чиј автор во поголем дел е Лазар Цветковски, ја изведува оркестар составен од млади музичари од различни европски земји и пошироко, учесници во институтот „Фејмс“. Институтот е основан во 2021 година од страна на „Фејмс ДОО“, една од водечките европски компании за оркестарски снимања за филмската, телевизиската и гејминг-индустријата. Институтот им овозможува на млади класични музичари од цела Европа да посетуваат мастеркласови со реномирани интернационални музичари, ментори и диригенти. Нивната мисија е да го модернизираат класичното музичко образование преку негово поврзување со актуелните индустриски трендови и современите музички жанрови, со фокус на напредни студиски техники, истовремено поттикнувајќи соработка во културниот и образовниот сектор.
– Институтот е простор во кој младите европски музичари учат преку реален професионален процес. Кога музика напишана за филм ќе дојде во студио, композицијата, оркестрациите и партитурите за првпат добиваат целосен живот преку оркестарската изведба. Особено ни е значајно што едно вакво светски признаено студио функционира во Скопје и што сме дел од создавањето оригинална музика за македонски филм со силна општествена и инклузивна порака – изјави Стефан Ношпал од „Фејмс“
„Фејмс“ за потребите на снимањето обезбеди професионално студио, простории за проби, оркестар, диригент, тон-мајстор и целосна техничка опрема. Ваквиот процес им овозможува на младите музичари да се запознаат со сите фази на создавањето филмска музика, од подготовката на партитурите и оркестарските проби до финалното студиско снимање.
Филмот „Слушни ме“ го следи патот на Марко Маринковиќ-Слаткаристика, од несигурностите во детството до создавањето автентичен глас што денес инспирира многумина. Преку лични сведоштва, музика, работилници со деца и играни сегменти од неговиот живот, филмот зборува за пелтечењето, прифаќањето на различностите, храброста, упорноста и силата на уметноста.
Режисер на филмот е Раша Петровиќ, сценаристка е Кристина Ризоска, а филмот е создаден според идеја и вистинита приказна на Марко Маринковиќ-Слаткаристика.
„Слушни ме“ е во копродукција на продукцијата ОХО и „Иноватива Груп“, а неговата премиера се очекува на почетокот на 2027 година.

































