Новиот мобилен оператор во Македонија, унгарската компанија „4iG“, ќе ја користи сателитската мрежа „Старлинк“ (Starlink) на Илон Маск, изјави вечерва вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски во емисијата „360 степени“ на МРТ 1.
Одговарајќи на прашањето дали „4iG“ гради сопствена 5Г-мрежа, Николоски рече дека компанијата веќе објавила стратешка соработка со „Старлинк“ и дека Македонија ќе биде меѓу првите земји во кои технологијата ќе се применува директно.
– Веќе објавија соработка со Старлинк на Илон Маск и надвор од Украина, Македонија и Црна Гора ќе бидат првите држави каде што Старлинк ќе се користи директно, така што мобилната мрежа ќе оди на Старлинк и секако интернет-мрежата – изјави Николоски, пренесе МИА.
Тој појасни дека, според информациите со кои располага, компанијата во моментов изнајмува базни станици, а по завршувањето на тестирањето треба директно да премине на користење на сателитската мрежа.
Во врска со прашањето дали постои ризик Илон Маск да го прекине пристапот до услугата, како што се случуваше во контекст на војната во Украина, Николоски оцени дека комерцијалните договори се разликуваат од воената употреба на технологијата.
– Не мислам дека во комерцијалниот дел тоа би го направил. Таму, објасни мислам и секретарот Рубио, се работи за државен воен дел итн., комерцијалниот дел е нешто сосема друго – рече вицепремиерот.
Николоски се осврна и на најавените проверки од унгарската влада и нивното можно влијание врз инвестициските планови на „4iG“ во Македонија. Тој рече дека, согласно договорот, операторот треба до март 2027 година да покрие најмалку еден град, а до крајот на истата година да обезбеди покриеност на целата држава.
Според него, компанијата го избрала Скопје како прв град во кој ќе ги започне услугите, што го оцени како показател за сериозноста на инвестицијата.
– Можеа кој било град да одберат, тие го одбраа градот Скопје. Штом Скопје го одбраа како прв град којшто ќе го покријат, а којшто веројатно како комуникација е и над 50 проценти од целокупниот пазар во државата, тоа говори колку се сериозни – истакна Николоски.
Вицепремиерот повтори дека очекува влезот на новиот оператор да доведе до значително намалување на цените на телекомуникациските услуги. Според информациите со кои располага, понудите на „4iG“ би биле значително поевтини од оние на двата постојни оператори.
– За нивна жал, а се надевам за среќа на пазарот, тие оставија голем простор за трет мобилен оператор – рече Николоски.
Говорејќи за односите со Унгарија, тој оцени дека тие остануваат на добро ниво и покрај најавените проверки. Како пример ја посочи посетата на вршителот на должноста амбасадор на Унгарија на почетокот на градежните работи на автопатот Букојчани–Кичево, како и поддршката што унгарската амбасада ја објавила за проектот.
Николоски додаде дека инвестициите се реализираат според планираната динамика и најави дека во скоро време очекува средба со унгарскиот министер за транспорт.
































