Фото: МВР

Случајот со Ива Михајлова се користи за предизвикување криза во односите меѓу Македонија и Бугарија во пресрет на изборите во соседната земја, оцени вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски. Тој најави дека резултатите од истрагата за евентуалните пропусти на македонските институции при нејзиното заминување од земјата наскоро ќе бидат презентирани пред јавноста.

Во интервју за емисијата „360 степени“ на МРТ, Николоски ги коментираше и изјавите на бугарскиот амбасадор во земјава, Жељаско Радуков, во врска со наводното знаење или координација на македонските власти при заминувањето на Михајлова. Според вицепремиерот, постои усогласеност меѓу ставовите на Софија и на опозициската СДСМ, пренесе МИА.

– Имам само една непозната во целата работа, а тоа е дали претставниците на СДСМ и бугарскиот амбасадор разговараат телефонски, се среќаваат лично или одржуваат конференциски разговори за да ги координираат ставовите – рече Николоски.

Тој оцени дека аргументите што ги изнесуваат СДСМ и бугарскиот амбасадор се исти или многу слични и ја обвини опозицијата дека нејзината цел е да го намали рејтингот на ВМРО-ДПМНЕ, а не да ја зголеми сопствената поддршка.

Според Николоски, случајот треба да се разгледува и во контекст на предизборната атмосфера во Бугарија, каде што, како што рече, повторно се отвораат прашања поврзани со Македонија за да се влијае врз билатералните односи.

– Штом мора да се прави шоу со пренесување на коските на цар Самоил од Солун во Софија, очигледно нема друг начин, па мора да си поигруваат со судбината на едно младо девојче – изјави Николоски, додавајќи дека, според него, станува збор за обид да се предизвика емотивна реакција во Македонија.

Во врска со евентуалната одговорност на македонските безбедносни институции, вицепремиерот посочи дека истрагата е во тек и дека, доколку се утврдат пропусти, одговорните ќе сносат последици.

– Доколку истрагата утврди дека некој навистина направил пропуст, секако дека ќе има одговорност – нагласи тој.

Николоски, сепак, го отвори и прашањето за постапувањето на бугарските институции во однос на лицата што бегаат од правдата. Притоа, посочи дека таткото на Михајлова е правосилно осуден за тешки кривични дела во рамки на акцијата „Детонатор“ и дека се наоѓа во Бугарија, каде што, според неговите тврдења, не е екстрадиран.

– Како е возможно држава членка на НАТО и Европската Унија, која тврди дека има функционален систем на владеење на правото, да штити лица кои бегаат од правдата – праша Николоски.

Тој повтори дека истрагата за околностите под кои Михајлова ја напуштила земјата треба да утврди дали имало институционални пропусти, додавајќи дека Македонија, според него, не треба да подлегне на провокации и обиди случајот да се искористи за предизборни цели.