Фото: МФ/Фејсбук

Собранието денеска го донесе Законот за државна ревизија, со кој се предвидува унапредување на системот на јавните финансии, зајакнување на независноста на Државниот завод за ревизија (ДЗР) и поголема отчетност и транспарентност во управувањето со јавните средства, соопшти Министерството за финансии.

Од Министерството посочуваат дека законот воспоставува посовремена рамка за функционирање на ДЗР, со акцент на независноста, професионалноста, транспарентноста и квалитетот на ревизорската работа.

– Крајната цел е државната ревизија да има уште посилен придонес кон законско, економично, ефикасно и ефективно користење на јавните средства, како и кон поголема отчетност на институциите пред Собранието и пред граѓаните – наведуваат од Министерството.

Една од клучните новини е дополнителното зајакнување на независноста на ДЗР. Со законот јасно се утврдува дека Заводот самостојно и независно ќе одлучува кои ревизии и кои субјекти ќе бидат опфатени со Годишната програма за работа.

Се прецизира и опсегот на државната ревизија. Покрај институциите и другите субјекти што располагаат со јавни средства, се предвидува можност за ревизија и на субјекти поврзани со нив, кога постои економски, финансиски или друг вид интерес и кога се користат средства што претставуваат јавни расходи.

Законот предвидува и новини во изборот и статусот на главниот државен ревизор и неговиот заменик, со зајакнување на професионалните критериуми за избор. Дополнително, се прошируваат надлежностите на главниот државен ревизор, а внимание се посветува и на професионализацијата на ДЗР и развојот на човечките ресурси.

Посебен акцент е ставен на зголемувањето на транспарентноста и следењето на ефектите од ревизиите. Со законот се предвидува јасно дефинирана постапка за следење на степенот на спроведување на дадените препораки.

Според Министерството за финансии, целта на државната ревизија не е само да ги утврдува слабостите, туку и да придонесе за нивно отстранување и за подобрување на управувањето со јавните средства.