Кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „Твоја Македонија“, Стојанчо Радичевски, освоил најмногу гласови на предвремените избори за градоначалник на општина Брвеница, покажуваат првичните официјални резултати на Државната изборна комисија (ДИК).
Според податоците што ги соопшти потпретседателот на ДИК, од вкупно 16.256 запишани избирачи, на гласање излегле 7.572, односно 46,58 проценти.
Радичевски освоил 2.945 гласа, или 38,89 проценти од гласовите. Второпласиран е Аркин Јахиј од НАИ со 2.152 гласа, односно 28,42 проценти. Третото место му припадна на Јакуп Хусеини од коалицијата „Вреди“, со 1.529 гласа или 20,19 проценти.
Кандидатот на СДСМ и коалицијата, Јовица Радески, освоил 707 гласа, односно 9,34 проценти. Душан Богдановски, кандидат од група избирачи, добил 57 гласа, а Арифе Идризи, исто така кандидатка од група избирачи, освоила 21 глас.
Според изборните правила, првите двајца кандидати, Радичевски и Јахиј, ќе се соочат во вториот круг, кој треба да се одржи за две недели.
Од ДИК ги посочија и роковите за поднесување приговори. Подносителите на кандидатските листи имаат право да поднесат приговор за постапката на гласање во рок од 48 часа по завршувањето на гласањето, а за постапката на сумирање и утврдување на резултатите – во рок од 48 часа по објавувањето на првичните официјални резултати.
Како што беше соопштено, рокот за приговори за постапката на гласање истекува во вторник, 20 октомври, во 19 часот, додека приговорите за сумирањето и утврдувањето на резултатите може да се поднесат до среда, 21 октомври, во 12:30 часот. Приговорите се доставуваат исклучиво во архивата на ДИК.
Комисијата е должна да одлучи по приговорите во рок од 72 часа од нивниот прием. Против одлуката на ДИК може да се поднесе тужба до Управниот суд во рок од 24 часа од приемот на решението, а Судот треба да одлучи во рок од 48 часа од приемот на тужбата.
Конечните резултати ќе бидат објавени најдоцна во рок од 24 часа по завршувањето на постапката по приговорите и конечноста на резултатите, соопштија од ДИК.
Предвремените локални избори во Брвеница се одржаа по смртта на дотогашниот градоначалник Јовица Илиевски, кој почина на 23 јуни 2026 година, на 58-годишна возраст.

































