Фото: „Нова Македонија“

Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини ги претстави новите закони за рударство и геологија на јавна расправа во Стопанската комора. Предложените решенија се насочени кон усогласување со европските стандарди, дигитализација, поттикнување на инвестициите и поголема заштита на животната средина.

Од Министерството посочуваат дека законските решенија треба да обезбедат поголема правна сигурност, поефикасни административни постапки и одржливо управување со природните ресурси. Тие биле подготвени преку консултации со релевантните чинители, објавени на ЕНЕР и предмет на меѓународна експертска ревизија.

Со посебниот Закон за геологија се предвидува воспоставување системска рамка за геолошките истражувања и управувањето со податоците. Дополнително, со воведувањето на Македонскиот рударско-геолошки информативен систем (МакРГИС) треба да се овозможат дигитализација и полесен пристап до информациите.

Законот за рударство, пак, предвидува спроведување на Стратегијата за минерални суровини, механизми за поддршка на стратешките проекти и усогласување со европските политики за критичните суровини.

Една од позначајните новини е обврската за обезбедување 100 проценти финансиски гаранции за санација и рекултивација на рударските простори. Според МЕРМС, со ова државата ќе добие механизам за покривање на трошоците за обновување на просторот по завршувањето на експлоатацијата.

Новите законски решенија предвидуваат и современи правила за управување со рударскиот отпад, задолжителни планови за затворање на рудниците и рекултивација, како и мерки за санација на историски деградираните рударски подрачја.

Од Министерството оценуваат дека овие механизми треба да придонесат за посилна заштита на животната средина и поодговорно користење на минералните ресурси.

На јавната расправа се обратил и државниот секретар во Министерството, Горан Јовановски, кој истакнал дека законите претставуваат значаен чекор кон воспоставување современа и функционална рамка за развој на рударството и геологијата.

– Нашата цел е да воспоставиме законска рамка што ќе обезбеди правна сигурност за стопанските субјекти, ќе ги поттикне инвестициите и ќе овозможи одговорно управување со минералните суровини. Преку современи правила, дигитализација и зајакнати механизми за заштита на животната средина создаваме услови за одржлив развој на рударско-геолошкиот сектор – истакнал Јовановски.

На расправата била нагласена и важноста на соработката со стопанството во спроведувањето на реформите и создавањето попредвидлива деловна средина за развој на модерен и одржлив рударско-геолошки сектор.