Фото: ЕПА

Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров ја обвини Европската Унија и претходната американска администрација за нарушувањето на стабилноста на светските енергетски пазари. Ова го изјави денеска во Техеран, по средбата со шефот на иранската дипломатија, Абас Арагчи.

По разговорите, Лавров изјави и дека Русија, според неговите тврдења, не напаѓа цивилна инфраструктура во Украина, освен објекти за кои Москва тврди дека директно се користат за снабдување на украинските вооружени сили.

– Никогаш не сме изведувале напади врз цивилната инфраструктура на Украина, освен во случаи кога станува збор за објекти што директно испорачуваат соодветни производи за украинските вооружени сили, кои потоа изведуваат терористички напади врз руски граѓани – изјави Лавров.

На средбата двајцата министри разговарале за состојбите на Блискиот Исток и во светот, како и за можностите за продлабочување на билатералната соработка меѓу Русија и Иран.

Иранскиот министер за надворешни работи оцени дека економската соработка меѓу двете земји напредува добро, без посериозни проблеми.

– Економската соработка напредува со добро темпо и можам да кажам дека нема посериозни проблеми – изјави Арагчи на прес-конференцијата по средбата.

Тој ги обвини и САД за зголемената несигурност во Ормускиот Теснец, тврдејќи дека Вашингтон ја наметнал војната.

– Конфликтот што го наметнаа САД и Израел, во комбинација со економската блокада, е главниот извор на несигурност во нашиот регион – изјави шефот на иранската дипломатија.

По разговорите со Арагчи, Лавров планира да се сретне и со иранскиот претседател Масуд Пезешкијан.

Рускиот министер пристигна во Техеран од Бахреин, каде што учествуваше на деветтата рунда од стратешкиот дијалог меѓу Русија и Советот за соработка на арапските држави од Персискиот Залив.