Серијал за пливачките маратони (1)
ОД РЕПОРТЕРСКИОТ БЕЛЕЖНИК НА ЗОРАН МИХАЈЛОВ: СЕРИЈАЛ ЗА ВЕЛИКАНИТЕ НА МАКЕДОНСКИОТ СПОРТ (410)
- Охридско Езеро и севкупниот амбиент се мотивирачки фактори за организирање пливачки манифестации. Професорот Александар Радич-Леко се смета за татко на традиционалниот Охридски пливачки маратон. Тој во 2016 година почина, но зад себе остави едно непроценливо дело
Традицијата на пливачките маратони во Македонија датира уште од почетокот на 50-тите години на минатиот век. Со оглед на тоа што маратонското пливање отсекогаш во одреден период имало понекој елитен маратонец, не е ниту чудно што македонскиот спорт е препознатлив во светот токму и преку нашите маратонски пливачи. Ние во Македонија знаеме оти Охрид е колепката, не само на маратонското пливање туку и воопшто на сите пливачки дисциплини. Нормално тука го сместувам и ватерполото, кое прво почна да се игра на импровизирани пливалишта, како на пример внатрешниот дел од охридското пристаниште. Во времето кога сакавме да се вклучиме во светските спортски текови, веднаш по Втората светска војна, Македонија немаше ниту еден базен, па затоа нормално беше за пливањето и за ватерполото да се користат природните ресурси. Подоцна, откако во повоените години се направи каква-таква стратегија, покрај за другите области, така и за развојот на спортот, нормално беше во неа да биде вклучено и пливањето. Сите знаеја оти само со користење на природните капацитети, езерата и реките, не ќе може да се оди напред. Гледајќи како се прави тоа во светот, не мислам само на оние спортски најразвиените земји, туку и на оние посиромашните во кои припаѓавме и ние, стана јасно дека доколку сакаме да ги следиме светските пливачки трендови мора да се размислува за изградба на базени. За да им се овозможи на младите да се занимаваат со пливачкиот спорт, не можеме да се потпреме само на она што ни го дала природата, туку треба и самите да направиме нешто.
Меѓутоа, инфраструктурата не е тема на овој серијал, неа ја споменав зашто без она основното, а тоа се базените, не може да се очекуваат и некои позначајни резултати. Но и да го имаме тоа, и да имаме доволно базени, па дури и во секој град и поголеми населби, вечно останува отворено прашањето кој ќе ги одржува нив. Тие се убава работа да ги имаш, но истовремено се голем товар да ги одржуваш, особено затворените базени. За оние, пак, отворените, се потребни помалку средства за нормално да функционираат, но кај нив и сезоната на користење е многу пократка. Меѓутоа, немојте да мислите дека и за нив и за нивното одржување не се потребни дополнителни средства. Ако некој мисли така, се лаже, зашто и тие имаат трошоци поврзани, особено со одржување на чистотата на водата, која за да биде на потребното ниво и да нема опасност од појава на бактерии, потребна е употреба на најразлични хемиски средства за да може пливањето да биде безбедно. Мало невнимание може да има големи последици. Затоа, ослободени од тој притисок поврзан со одржувањето и користењето на базените, пливачките работници во Македонија одбраа полесен начин – да се користи она што ни го дала природата. А, таа, пак, што се однесува до оваа наша Македонија, барем во тој поглед беше многу дарежлива и ни ги подари прекрасните природни езера, Охридско, Преспанско и Дојранско, кон кои може да се придодаде и Мавровско, кое според изгледот и поставеноста не оддава впечаток дека е вештачко, туку како да е по природен пат создадено.
Овој вовед во серијалот мислам оти беше неопходен за да дојдеме до она, што се вели, вистинското, односно да заклучиме зошто нашите пливачки работници се решија поголемо внимание да им посветат на пливачките маратони. Зошто е ова така не треба многу да филозофираме, тие не бараат некои посебни услови, туку само една пространа водна површина (а таква преку езерата ја имаме). Среќна околност е што, пак, токму во нашиот најголем туристички центар, Охрид, имавме и кадри и луѓе способни да се фатат во костец со сите предизвици. Еден од нив беше професорот Александар Леко Радич, кој беше голем ентузијаст и поттикнувач на она што стана обележје на градот и на Македонија, Охридскиот пливачки маратон. За нивната историја и за асовите од целиот свет, кои ги разбрануваа охридските води, ќе читате во идните продолженија.
Неуморниот Александар Радич-Леко
Ако во спортот нема ентузијасти, кои со своето залагање и ангажмани ќе го отвораат патот кон вредни постигнувања, без оглед за кој спорт се работи, тогаш ретко може да се остварат саканите цели. Убав пример за тоа колку за една средина, а понекогаш и за целата држава е значајна појавата на такви личности е охридскиот професор Александар Радич, популарно наречен Леко. Тој се упокои во 2016 година, но зад себе остави големо дело во пливачкиот спорт. Благодарејќи токму на него, кој се смета за татко на Охридскиот маратон, на сите меридијани во светот се слушна за македонските маратонски пливачи.
Радич беше неуморен, тој стигнуваше насекаде, но пливањето, сепак, му беше спортот што ја исполнуваше не само неговата младост, кога беше активен натпреварувач, туку и целиот живот. Леко изгради една богата кариера, стана клучна фигура во нашето маратонско пливање, но тој од скромност не го потенцираше тоа многу. Едноставно сметаше оти сѐ што сторил морало така да биде и за сите тие резултати и ангажмани пофалбите упатени кон него тој ги примаше скромно, сметајќи дека не направил ништо посебно, туку оти тоа е дел од неговата работа.
Со Леко бевме добри пријатели и кога пред 16 години бев во неговиот дом во Охрид да снимам емисија за македонските спортски легенди за Наша ТВ, ме пречека со радост. Беше среќен што се сретнавме, дури забележав и солзи во неговите очи, очигледно проработија емоциите од минатото. Беше возбуден и од самиот факт што, ете, се сетил некој да снима емисија за него. Онака, по охридски ми рече: „Зоки, шо ти текна да снимаш емисија со мене, јас одамна завршив со спортските активности, сето тоа за мене е само едно убаво минато“. Му одговорив дека штом е тоа убаво минато, да видат и нашите гледачи какво беше тоа минато на Леко. Седнавме еден спроти друг во неговиот стан во една од зградите спроти спортскиот центар „Билјанини Извори“ во Охрид. Јас и не требаше многу да прашувам, тој, кој сиот беше исполнет со безброј доживувања, ја почна својата приказна. Автентични делови од неа ќе презентирам и сега.
– Зуењето на брановите уште како да го слушам – беа првите зборови на Леко. „Оној екот што го создаваат кога удираат во брегот, како уште да носат возбуда кај мене. Тоа е нешто што ќе ме следи до крајот на животот. Тоа како да ми дава сила и ме тера со сиот свој темперамент (а тој темперамент никогаш не му недостигаше) да зборувам за минатите времиња“.

Почеток на тренерската работа
Леко ја разврза својата приказна и одвреме-навреме ќе уфрлеше нешто што му останало во меморијата, а за кое сметаше оти е многу битно да се каже.
– Кога дипломирав на ДИФ и се вратив во Охрид, моите сограѓани беа среќни што добија еден школуван тренер. Оттогаш и нивната верба кон мене беше уште поголема, па од ден на ден на пливалиштето на ПК „Охридски бранови“, лоцирано на внатрешната страна од пристаништето, бројот на децата се зголемуваше. Сите сакаа да тренираат и да станат добри пливачи. Мене тоа ме радуваше и јас ги засукав ракавите и си реков: „Ајде Леко, докажи се сега“. Беше многу напорно, но и интересно. Многумина се чудеа како ги реализирам тренинзите на неадекватно пливалиште, полно со реси (треви) што никнуваа од дното и ги имаше сѐ повеќе и повеќе. Но тоа не ми пречеше. Според однесувањето на тренинзите, чувствував оти и дечињата не обрнуваат внимание на тоа какво е пливалиштето, дали има или нема реси, битно им беше да тренираат и да се натпреваруваат – рече тој.
Така почна професионалната тренерска кариера на Леко, кој подоцна стана големо име во маратонското пливање. Некако во исто време со неговиот тренерски старт ФИНА ги вклучи маратоните на 25 километри во својата официјалната програма, а тоа уште повеќе ги распали страстите кај младите пливачи да почнат да се занимаваат и со овој напорен спорт.
Во 50-тите години од минатиот век веќе на големо се зборуваше за охридските маратонци. Вниманието беше свртено кон Нико Нестор, кој беше првиот Македонец што го преплива каналот Ла Манш. Негов тренер беше Славе Филев, човек што, исто така, беше задоен со пливањето и кој има големи заслуги за развојот на македонското маратонско пливање. Така, со појавата на еден квалитетен тренерски тандем почнаа да се нижат и добрите резултати со кои македонските маратонци сѐ повеќе го свртуваа вниманието кон себе. Тоа беше и една од причините во почетокот од 60-тите години на минатиот век да се роди идејата за организирање на Охридскиот маратон, своевремено една од најголемите и најпознати спортски манифестации, не само во Македонија туку и во поранешна Југославија. Охрид стана препознатлив по својот пливачки маратон и веќе немаше дилеми оти оваа манифестација ќе има долг век.

































