Најмалку четири лица загинаа во поплавите што го погодија источниот дел на Шпанија по поројните дождови предизвикани од бурата „Адам“. Спасувачките екипи со хеликоптери ги извлекуваат луѓето заглавени на покривите на нивните домови, додека властите им наредија на повеќе од 800.000 жители да останат во своите домови.
Обилните врнежи отсекоа неколку градови долж медитеранскиот брег од остатокот на земјата. Реките се излеаја од коритата, предизвикувајќи поплави на улиците и отежнувајќи ги пристапот и спасувачките операции.
Бурата најсилно ги погоди крајбрежните области на Андалузија, Мурсија, Валенсија, Балеарските Острови и Каталонија. Во зависност од локацијата, опасноста од ненадејни поплави е оценета како висока или многу висока, а шпанските власти прогласија црвен метеоролошки аларм, означувајќи исклучителна опасност.
-Влегуваме во најкритичните часови од бурата – изјави Рубен дел Кампо, портпарол на Државната метеоролошка агенција. Тој посочи дека силните и влажни ветрови од Средоземното Море дополнително ја засилуваат непогодата.
Националната метеоролошка служба ги оцени временските услови како исклучително тешки. Во некои области, количеството врнежи во период од 48 часа надминало 600 литри на квадратен метар, што, според податоците наведени во извештајот, е највисоко ниво од 1987 година.
Градоначалникот на Пего, Енрике Мол, изјави дека неколку лица сè уште чекаат да бидат евакуирани со хеликоптери од покривите на зградите. Сите патишта што водат кон градот се блокирани, а во некои области ниту тешката воена механизација не успева да се пробие.
Заменик-градоначалникот на крајбрежниот град Олива соопшти дека спасувачките екипи им помагаат на заглавените жители, меѓу кои има и повозрасни лица заробени во своите домови.
Поради опасните временски услови, прекината е наставата за повеќе од 100.000 ученици во Валенсија. Централната влада, пак, распореди дополнителни спасувачки екипи на армијата и на националната полиција за справување со последиците од поплавите.

































