Фото: Пиксабеј

Протестот на наставниците против образовната политика на регионалната влада во Мадрид денеска ескалираше во судири со полицијата.

Стотици демонстранти ги блокираа влезовите на палатата Сантоња, во центарот на Мадрид, каде што се одржуваше настан на кој присуствуваше премиерката на автономниот регион, Изабел Дијаз Ајусо.

Полицијата интервенираше за да ги отстрани демонстрантите и да обезбеди пристап до зградата. На видео-снимките се гледа како полициските службеници ги туркаат и ги удираат со палки наставниците кои протестираа.

Ајусо ги обвини шпанскиот премиер Педро Санчез и „антидемократската левица“ дека организираат „стратегија на лично и институционално вознемирување“ против неа.

Во меѓувреме, околу 200 наставници блокираа дел од автопатот А-3 на периферијата на Мадрид, поставувајќи училишни клупи и столчиња на коловозот. Протестот, кој го наруши сообраќајот, траеше околу еден час.

Наставниците во Мадрид, но и во Валенсија и Каталонија, започнаа неограничен штрајк поради лошите работни услови, ниските плати и недоволното финансирање на јавното образование.