Манипулатори: Јаго наспроти баронот Минхаузен

Во денешната анализа, академик Коцарев се осврнува на мноштвото манипулативни изјави на политичарите во минатите години, од кои тој издвојува две изјави што го обележаа политичкиот живот во Македонија. Македонија, за жал, од една страна, има премногу манипулатори, а од друга страна, има и недостиг од вистински лидери, храбри, чесни, доблесни и умни луѓе со интегритет, кои не ги распродаваат сопствените зборови, не лажат и не манипулираат, кои не се предавници и не се продаваат за ништо на светот. Токму недостигот од вистински лидери доведе Македонија да биде „во казан клаена и сите ѓаволи играат околу неа“, пишува академик Коцарев

Кога некој ќе го спомене терминот раритет, обично веднаш нѐ асоцира на нешто што ретко се среќава, но мене, а верувам дека и поголем број од вас, сѐ повеќе нѐ асоцира на нашата единствена Македонија, земја со пребогата историја, која некому сѐ повеќе му пречи, поради што се прават континуирани напори за нејзино бришење, за жал, со помош на владејачките и политичките елити, кои толку многу здружено лажат и манипулираат, што таквото опстојување на една држава претставува вистински раритет. Пред нас се неизвесна есен и иднина (економска и енергетска), но во моментов поголема неизвесност и фрустрација за Македонија продуцираат Преспанската спогодба, за што многупати досега сум пишувал и која веќе се перципира како завршена работа, и Договорот за добрососедство, како извор на нови проблеми за Македонија, регионот и светот. Под ЕУ се подразбира унија на рамноправни народи, но потпишувањето на Спогодбата и Договорот ги постави Македонците во однос на другите народи од ЕУ во нерамноправна положба, т.е. на Македонците им беше наметнато во исто време да прават избор меѓу сонот наречен ЕУ и зачувувањето на националниот идентитет, што во суштина значи постепено исчезнување на македонската нација. Македонија, како ниту една друга земја досега, беше соочена, кажано со јазикот на економистите, со невиден опортунитетен трошок, да се откажете од едно за да добиете нешто друго, иако, всушност, другото во овој миг изгледа мошне далечно и неостварливо за Македонија. Францускиот предлог, пак, можеби ќе ја одржи државата како форма во балканскиот „буре барут“, но, сигурно, овој предлог е погубен за опстојувањето на Македонците како народ.
Ваквиот резултат би можел да им се адресира на манипулаторите и на нивната способност и вештина за манипулација, поради што во овој текст ќе им посветам внимание токму ним, служејќи се со два книжевни (па оттука, и фиктивни) лика: Јаго и баронот Минхаузен. Пред да го сторам тоа, од мноштвото манипулативни изјави на политичарите во минатите години, сепак решив да издвојам две што го обележаа политичкиот живот во Македонија.
Прва изјава. „Имавме 600 муабети за името. Ќе го смениш името, и никој нема да знае и утре ќе се викаме нè знам како. Е нè може. Мораш да дојдеш во институциите. Во тој момент, јас ви тврдам, сите што беа десетици и десетици илјади луѓе, во мај, на 17 мај, и сите слободарски граѓани, колку и да звучи како фраза, душата ќе му ја извадат на тој што евентуално би го потпишал тоа. Нема да го остават во таа фотелја во која е. Јас не се сомневам, мислам дека шанси нема за такво нешто, а и ако има, во интерес на нашата заедничка иднина, ние мора да му земеме мерка на тој човек и на тие луѓе.“
Втора изјава. „Додека дишам, додека го дишам овој македонски воздух, додека ме држи памет дека мојот дедо, мојот татко сите мои предци, јас, мојот син и ќерка сме Македонци родени овде во Македонија, тоа не може да се случи. И не само тоа, верувам дека не постои роден човек подготвен да излезе пред парламентот и да бара промена на Устав заради промена на уставното име.“

Постои широко распространето мислење меѓу критичарите и добрите познавачи на Шекспир дека Јаго е персонификација на чистото зло – неговите манипулации со ликовите од „Отело“ и неговиот недостиг од покајание за уништувањата што ги прави, претставуваат клучни атрибути за опишување на неговите мотиви. За овие критичари, тргнувајќи од фактот дека Јаго не гледа ништо лошо во сопственото однесување, тој е „вистински портрет на психопат“, „лишен од совест, без каење“. За други мислители и литературни критичари, пак, манипулативната и злонамерната природа на Јаго го покажуваат неговиот човечки карактер – ефикасноста во остварувањето на неговите намери, што се согледува преку изборот на неговите зборови и дела, зависи од природата и сервилноста на ликовите што ги повредува, но токму и од исполнувањето на судбината. Така, за овие критичари, Јаго е злонамерен и манипулативен, но смртен човек со ограничен капацитет. Баронот Минхаузен, за разлика од Јаго, се смета за симбол на нескротлива фантазија, лажго над лажговците, најголемиот лажов што досега живеел на планетата Земја. Од мит ​​до литературен лик, овој лик не е измислен, туку се заснова на вистинска личност, еден германски барон што како млад се борел против Турците во Барон. По враќањето од војната раскажувал неверојатни приказни за неговите авантури, подвизи и херојство, што биле основа за креирањето на фиктивниот лик на баронот Минхаузен.

Македонија, за жал, од една страна, има премногу манипулатори, но нивната споредба со споменатите фиктивни ликови не е предмет на овој текст, а од друга страна, има и недостиг од вистински лидери, храбри, чесни, доблесни и умни луѓе со интегритет, кои не ги распродаваат сопствените зборови, не лажат и не манипулираат, кои не се предавници и не се продаваат за ништо на светот. Токму недостигот од вистински лидери доведе Македонија да биде „во казан клаена и сите ѓаволи играат околу неа“ (Петре М. Андреевски). A какви треба да бидат македонските лидери? Тука, ќе го парафразирам Конфино, според кого, лидерите треба да поседуваат: (1) длабока грижа за проблемите и прашањата од јавен интерес – социјални, економски, културни и политички; (2) чувство на вина и лична одговорност за државата и за решавање на овие проблеми; (3) обврска политичките и социјалните прашања да се адресираат како морални прашања; (4) обврска да се бараат крајно логички заклучоци – во мислењето и во животот; и (5) убедување дека работите не се такви какви што треба да бидат и дека треба да се стори нешто во врска со тоа.
Пишувајќи во списанието „Esquire“ во 1935 година, Ернест Хемингвеј им понудил совет на младите писатели: „Кога луѓето зборуваат, слушајте целосно… Повеќето луѓе никогаш не слушаат“. Всушност, ваков проблем имаат и македонските политичари, никогаш никого не слушаат. Можеби зборот „никогаш“ е пресилен, но, генерално, тие не го слушаат народот, неговите повици за опстојување на Македонија и добронамерните критики на голем број загрижени интелектуалци – заслепени од власта, од желбата да дојдат и да останат на власт, самобендисани, некадарни, притиснати од надворешни фактори и со изговор за изнаоѓање спасоносни стратегиски решенија, тие се втурнуваат во процес што неповратно води до исчезнување на Македонија.
Што ги очекува македонските лидери? Ако мислат дека нив ќе ги брани Гручо Маркс (од филмот „Супа од папка“), со зборовите: „Тие можеби изгледаат како идиоти и зборуваат како идиоти, но да не ве залажува тоа. Тие навистина се идиоти“, грешат. Знаеме дека тие се паметни, лукративни подлизурковци, кои решиле да ја предадат и да ја продадат својата држава. И ништо друго! Но, сега, круцијалното прашање за сите нас е: Дали и до кога ќе ги дозволуваме предавството и продажбата?