Први септември

Раскази од книгата „Децата од моето училиште“ на Јадранка Клисарова

На први септември училишниот двор е преполн со весели ученици. Нивните гласови одѕвонуваат надалеку. Се огласи и училишното ѕвонче:
– Ѕррр, ѕрр, ѕрр…
Училишната голема врата се отвори широко, а учениците ги свртеа погледите кон неа. Некои беа трпеливи, љубопитни и радосни. Тоа беа најмалите ученици. Своите погледи не ги симнуваа од училишната зграда, прашувајќи се што ли има внатре? Постарите ученици за миг направија голем неред, сите посакаа веднаш да влезат во своите училници. Секој секого поттурнуваше, секој сакаше да биде прв, се слушаше силен џагор. Малите ученици нетрпеливо го чекаа својот ред, но никој од повозрасните не сакаше да им отстапи место.
На влезната врата се појави една наставничка. Таа високо ја подигна својата десна рака. Во истиот миг завладеа тишина, сите очи на учениците беа вперени во неа.
– Ученици, зарем заборавивте како се влегува во училиштето?
Се слушна: „Не, не, нее…“ – сите во еден глас тивко се извинија.
Учениците без збор почнаа да се подредуваат и со поглед ја бараа раката на своето другарче до себе.
– Во училницата се влегува во колона по двајца или во колона по еден – се разлеа милозвучниот глас на наставничката.
-Училиштето е доста големо и има место за сите вас, не грижете се, вашата клупа и вашето столче нетрпеливо ве очекуваат – се слушна и гласот на повозрасниот наставник.
– Ве молам ученици, денес е први септември. Некои ученици се првпат на училиште. Да им отстапиме место на најмалите, тоа се нашите првачиња – покажа наставничката со раката кон најмалите ученици. – Погледнете ги само колку се возбудени, треперат како пеперутки.
– Среќен почеток! – се разлеа веселиот поздрав од постарите ученици.
Децата почнаа тивко да формираат колони и да се движат како река кон влезот. Учениците радосно ги бараа своите училници, а озарените лица на најмалите нетрпеливо ја очекуваа својата прва наставничка.
Тие тука сакаа да го свијат гнездото, како ластовичките кога се враќаат од југ.


На училиштен час

Во холот на училиштето имаше многу ученици, сите облечени во иста униформа. Момчињата во панталони, кошули и елеци, а девојчињата во прекрасни здолништа, кошули и елеци. Сите деца наликуваа едно на друго, беа весели и раздвижени како мравки. Наставничките стоеја во холот и со дневниците во раце го очекуваа ѕвончето да го означи почетокот на часот. Кога се огласи училишното ѕвонче, се слушнаа и веселите гласови на учениците, но еден миг потоа завладеа целосна тишина. Наставничките со насмевки на лицата се упатуваа секоја кон својата училница, каде што учениците нетрпеливо ги очекуваа.
На часот сите љубопитни погледи беа вперени во наставничката. Таа раскажуваше за животот на луѓето во минатото.
– Учениците немале тетратки и моливи, туку сите пишувале на мали црни таблички со креда – раскажуваше наставничката.
На лицата на малите ученици се забележуваше вчудовиденост. Љубопитно шараа со своите погледи од еден до друг ученик, па до наставничката, како да не веруваа. Еден по еден креваа рака.
– Повели Марија, што сакаш да прашаш? – рече наставничката.
– Ве молам да ни објасните, затоа што не можам да разберам, како учениците ги запомнувале сите нови знаења, кога секој ден ја бришеле табличката?
– Кај нив постоела голема желба за знаење, затоа многу помнеле – им одговори таа.
Кога заврши часот, сите ученици се најдоа во училишниот двор и ја јадеа својата ужина. Девојчињата јадеа и разговараа, а момчињата во едната рака ги држеа кифлите, трчаа и шутираа топка, не губеа ни миг од својата омилена игра.
– Колку го сакам училиштето, секој ден ни нуди нови знаења и нѐ воведува во светот на најновите достигнувања – рече Марија.
– И јас многу го сакам, но ја сакам и нашата наставничка, затоа што умее да го избере најдобриот метод и да ни објасни и да ни ги пренесе новите знаења -додаде Ана.
Во тој миг заѕвони училишното ѕвонче. Тоа ги повикуваше учениците на следниот час.