Меѓународниот фестивал за литература и илустрација за деца „Литера“ распишува конкурс за авторски илустрации на тема „Свет со љубов“. Сите заинтересирани илустратори може да се пријават со не помалку од две, а не повеќе од пет авторски дела илустрации за деца. Конкурсот е отворен до 30 април.
Од пристигнатите дела ќе бидат избрани петмина илустратори. Тие заедно со повеќе реномирани илустратори од регионот ќе учествуваат на годинашното, петто издание на фестивалот „Литера“, кој ќе се одржи во мај во Музејот на современата уметност во Скопје. Изложбата наесен ќе патува и во Загреб, во македонскиот Културно-информативен центар. Селекцијата ќе ја прави комисија, а победниците ќе бидат соопштени најдоцна до 8 мај.
Фестивалот „Литера“ минатата година првпат организираше изложба на македонска современа илустрација, во рамките на фестивалот на детска сликовница „Овца во кутија“, кој се одржа во истарскиот град Пазин. Изложбата доби одличен одѕив и одушевување на публиката и критиката. Фестивалот и годинава, во своето петто издание, ќе понуди богата програма фокусирана на илустрацијата и литературата за деца.