Фосбери почнал да експериментира со грбната техника во училиште и, охрабрен од своите тренери, успеал да го усоврши овој стил уште додека бил во високото образование. Во финалето на ЛОИ 1968 година, тој скокнал 2,24 метри при неговиот трет обид и го освоил златниот медал

Дик Фосбери, човекот што направи револуција во скокот во височина во атлетиката, почина на 76-годишна возраст. Американецот прв скокна наназад или грбно преку летвичката за да освои злато на Олимписките игри (ОИ) во Мексико во 1968 година со техника на рипање што стана позната како „фосбери флоп“, која и денес ја користат скокачите во височина. На ЛОИ во 1968 г., Фосбери постави тогашен рекорд од 2,24 метри, користејќи го неговиот метод, пишува Би-би-си.
Пишувајќи на Инстаграм, агентот на Фосбери, Реј Шулте, рече дека неговиот клиент починал во неделата.
– Со многу тешко срце морам да ја објавам веста дека долгогодишниот пријател и клиент Дик Фосбери почина мирно во сон рано наутро во неделата. Дик многу ќе им недостига на пријателите и обожавателите од целиот свет. Тој беше вистинска легенда и пријател на сите – напиша Шулте на Инстаграм.
Фосбери почнал да експериментира со грбната техника во училиште и, охрабрен од своите тренери, успеал да го усоврши овој стил уште додека бил во високото образование. Во финалето на ЛОИ 1968 година, тој скокнал 2,24 метри при неговиот трет обид и го освоил златниот медал.
– Тој засекогаш промени цел настан со техника што изгледаше лудо во тоа време, но резултатот го направи стандарден – рече американскиот четирикратен олимписки шампион и експерт на Би-би-си, Мајкл Џонсон.
Се огласи и Американската атлетика (УСАТФ).

– Нашиот спорт изгуби вистинска легенда и иноватор со смртта на Дик Фосбери. Тој го измисли стилот „фосбери флоп“ и освои злато на ЛОИ во 1968 година, со што остана застапник за спортистите цел живот. Наследството на Фосбери ќе живее со генерации што доаѓаат – изјавија оттаму.
Извршниот директор на УСАТФ, Макс Сигел, рече дека е „длабоко тажен“ поради смртта на Фосбери и го нарече „вистинска легенда и пионер во светот на атлетиката“ и додаде:
– Секогаш ќе бидеме благодарни за неговиот придонес во спортот и неговото влијание врз генерациите спортисти што тргнаа по неговите стапки. Неговото наследство ќе живее како инспирација за сите.
Фосбери, кој летвичката ја прескокнуваше скокајќи најпрво со грбот, па потоа со нозете, наместо дотогашниот страничен или т.н. скок со „ножички“, во една пригода во 1984 година изјави.
– Сегашната популарност на мојот стил е прекрасна награда за тоа колку морав да трпам на почетокот со стил што никому не му се допадна. Скокав наназад во средно училиште и сите ми се смееја. Но сѐ додека не победив во Мексико во 1968 година и не станав херој – рече тој во 1984 година – пишува шпанска „Марка“.
Со „фосбери флоп“, Кубанецот Хавиер Сотомајор се искачи над 2,45 метри во 1993 година за да го постави светскиот рекорд и да постави еден од најдолгите рекорди во историјата на атлетиката во Саламанка. Г.И.