Промакедонска оска за остварување на националните интереси

Завчерашниот повик на унгарскиот премиер Петер Маѓар за проширување на Вишеградската група на држави со земјите од Западен Балкан е најдиректно отворање на вратите на оваа неформална, но влијателна групација на земји членки од ЕУ за Македонија. Сметам дека ова е важна можност за Македонија да внесе нова, „вишеградска динамика“ во своето евроинтеграциско досие во Брисел, но и за ширење на македонската вистина низ политичка Европа, олицетворена во Европската Унија, контра бугарските фалсификати, негирања и условувања за Македонија.
Отфрлањето на двојните стандарди на Брисел добива нова сила, иако индиректна поддршка од страна на унгарскиот премиер, кој завчера беше категоричен дека „Унгарија нема да толерира и нема да прифати двојни стандарди во проширувањето на Европската Унија“.
Вишеградската група (Полска, Чешка, Словачка и Унгарија) е насочена на заштитата на националниот суверенитет и идентитет на секоја земја и се залага за реформирана Европска Унија. Тие земји експлицитно ги почитуваат и ги поддржуваат македонскиот идентитет, јазик и самобитност. Земјите од Вишеградската група со години се едни од ретките што директно и гласно бараат ЕУ да ги исполни своите обврски кон Македонија.
Во својата научна анализа за позициите на Вишеградската група кон политиката на проширувањето на ЕУ од 2025 година две унгарски експертки за европска политика и евроинтеграции истакнуваат дека вишеградските држави (В4) остануваат меѓу најсилните застапници на проширувањето во рамките на ЕУ.
– Државите од В4 имаат потенцијал да дејствуваат како адвокати (застапници) на проширувањето – нагласуваат д-р Богларка Колер, европска експертка за меѓународни односи и професорка во катедрата за европски студии на Универзитетот „Лудовика“ во Будимпешта, и д-р Кристина Арато, експертка за европски интеграции и политички науки во Правниот факултет при Универзитетот „Етвеш Лоранд“ во Будимпешта.
Токму тоа ѝ е потребно на Македонија: застапници на нејзината евроинтеграција! Бугарија уште од 2022 година си има свој „адвокат“ во францускиот претседател Емануел Макрон. Токму тој таа година побара, како што нагласи, „правда за бугарските барања“, придонесувајќи за „францускиот предлог“ и сегашната преговарачка рамка. Е, сега, имаме шанса ставена на дипломатска и политичка маса, Македонија да добие, условно кажано, свои „вишеградски адвокати“, кои би можеле коректно да лобираат за македонските интереси.
Кога би се реализирала визијата на Маѓар, би се создал блок што би ги поврзал Балтикот, Централна Европа, Дунавскиот Регион и Јадранот. Во таков формат би биле застапени повеќе од десет држави со значителна тежина во Советот на ЕУ и Европскиот парламент. Затоа некои аналитичари зборуваат за можност да се создаде нова „централноевропска оска“ во рамките на ЕУ. Тоа би можело да претставува, условно кажано, и своевидна „македонска оска“ во рамките на ЕУ, која би можела значително да ги зголеми видливоста и силата на македонските позиции во Брисел.
Во оваа насока Македонија треба постојано да ги интернационализира темата и прашањето на својата евроинтеграција, да организира дебати во Прага, Варшава, Братислава, Љубљана и Загреб, но и во Брисел и другите европски метрополи. Важно ќе биде да се обезбедува поддршка од академици, експерти и европратеници. Посебно место ѝ придавам на потребата да се создаде „Пријатели на Македонија“ во ЕУ, неформална група на држави под вакво име, сочинета од Унгарија, Словачка, Чешка, Полска, Словенија, Хрватска и по можност Австрија.
Исто така, во Брисел често влијанието на европратениците е еднакво важно како и владите и оттука е значајно дејствувањето на масовната европарламентарна демократија во прилог на Македонија и нејзините евроинтегративни стремежи. Ќе бидам поконкретен: Македонија треба да изгради постојана мрежа со европратеници од вишеградските и централноевропските држави, кои се поподготвени да ги разберат проблемите на земјите од Западен Балкан, па и на Македонија отколку дел од западноевропските политички елити.

Овие држави имаат заедно 131 пратеник во Европскиот парламент. Со нив треба да се контактира, за да настапуваат координирано, заради поднесување заеднички иницијативи, предлагање заклучоци во Советот на ЕУ и спречување нови политички условувања за Македонија.
Важна е и економската интеграција пред формалното зачленување. Во Брисел најсилниот аргумент често не е историскиот, туку економскиот. Македонија треба да привлече повеќе инвестиции од Централна Европа, да се поврзе со транспортните коридори кон Балтикот и Јадранот, да учествува во инфраструктурни проекти, но и да ги зголеми трговските размени со централноевропските држави. Би рекол дека колку повеќе ќе биде Македонија економски интегрирана со ЕУ толку ќе биде потешко политички да биде држена надвор од Унијата.
Потребна е не само дипломатска туку и културна и академска „офанзива“. Ова е област што често се запоставува. Во тој контекст е неопходно преведување македонска литература, финансирање катедри по македонистика, нови научни конференции за македонскиот јазик и култура, нови заеднички научни проекти, истражувања низ дигиталните и пишани архиви, достапни на англиски, германски, француски и полски јазик. На долг рок академската и културната видливост и обезбедувањето сѐ повеќе и повеќе изворни сведоштва и историски докази за македонската самобитност, народ и јазик, ќе создаваат сѐ повеќе и политички капитал.

Решавачки пробив би претставувало создавање критична маса од централноевропски земји што јавно би застапувале во полза на Македонија три принципи: проширувањето да остане процес базиран на европски критериуми, билатералните историски и идентитетски спорови да не бидат дел од пристапните преговори и Западен Балкан да биде геополитички и безбедносен приоритет на ЕУ.
Ако успее Македонија да изгради постојана лоби-оска со централноевропските држави, тогаш сигурен сум дека ќе има значително посилна позиција во европските дебати отколку ако настапува сама. Тоа само по себе не гарантира членство во ЕУ, но би можело суштински да ја промени рамнотежата на политичка поддршка во Брисел во корист на македонското евроинтеграциско досие. Македонија треба да покаже зрелост на расудување, мудрост на дипломатијата и уште поголема проактивност во својата меѓународна и евроинтеграциска политика, за да ги продолжи неопходното и уште погласно и достоинствено артикулирање и заштита на своите македонски државни и национални интереси.

Свето Тоевски