Нова архитектура на односи меѓу САД и Русија од една страна и Европа од друга
Вашингтон повторно ја отвора можноста за економско приближување кон Москва, и тоа пред формалното завршување на војната во Украина. Според информациите што ги објави весникот „Њујорк тајмс“, администрацијата на Доналд Трамп разгледува можност за склучување деловни договори со Русија уште во текот на преговорите за прекин на војната. Информацијата, која ја пренесуваат повеќе меѓународни медиуми, повикувајќи се на извори запознаени со разговорите, претставува значајно поместување од досегашната американска позиција.
И Вашингтон и Москва волни за рестарт на билатералата
Евентуалните економски договори би требало да покажат дека Вашингтон е сериозен во намерата за „ресетирање“ на односите со Русија. И во Москва веќе подолг период се разгледуваат можности за американско-руска економска соработка, меѓу кои се споменуваат заеднички проекти на Арктикот, развој на критични минерали и соработка во производството на алуминиум. Овој пристап е значаен токму поради тоа што ја поместува границата меѓу дипломатијата и економијата. Во досегашната западна политика кон Русија, економскиот притисок беше еден од главните инструменти за ограничување на руската способност да ја продолжи војната. Новата логика на администрацијата на Трамп, барем според овие информации, тргнува од поинаква претпоставка, а тоа е дека економската соработка може да биде инструмент за постигнување политички договор, а не само награда што следува по него. Тука се појавува и поширокото прашање за реконфигурирањето на Западот во ерата на Трамп. Ако во претходниот период трансатлантскиот однос во голема мера се темелеше врз заедничка безбедносна политика кон Русија, новиот Вашингтон сè почесто ги раздвојува безбедносните, економските и трговските интереси. Наместо една интегрирана политика на Западот, се појавува модел во кој САД настојуваат директно да преговараат со големите сили, понекогаш и преку економски договори што европските сојузници не ги иницираат или не ги контролираат.
Односи топло-студено, дел од пошироката трансакциска логика на Трамп
Парадоксот е што ова се случува во момент кога американскиот Конгрес истовремено го заострува притисокот врз Москва. За волја на вистината, пред само три дена, на 18 септември 2026 година, Трамп потпиша закон со нов пакет санкции кон Русија, кој предвидува дополнителни мерки против руски функционери, банки и структури поврзани со извозот на енергенти, како и можност за високи царини кон земји што продолжуваат значително да увезуваат руска нафта или гас. Така, во ист момент Вашингтон испраќа две навидум спротивни пораки, односно зголемување на економскиот притисок врз Русија и отворање простор за идни американско-руски економски договори. Но наместо нужно да се гледаат како контрадикторност, тие може да се разберат како дел од пошироката трансакциска логика на Трамп – притисокот да се користи како средство за создавање услови за преговори, а економската соработка како потенцијален поттик за политички договор.
Американци во Москва
Во тој контекст, Вашингтон овој месец повторно испрати високи претставници, Стив Виткоф и Џаред Кушнер, во Москва и во Киев со цел да се оживеат разговорите за мировен договор. Трамп тогаш изјави дека со себе носат предлог за завршување на војната. Она што се менува е пошироката геополитичка рамка. За Европа, прашањето веќе не е само дали САД ќе продолжат да ја поддржуваат Украина, туку и дали Вашингтон постепено ќе гради сопствена архитектура на односи со Москва, независна од европските политички приоритети. Доколку економската нормализација со Русија стане составен дел од американската стратегија, европските држави би можеле да се соочат со нова ситуација, односно дека сојузништвото со САД формално останува, но политичките и економските интереси од двете страни на Атлантикот не мора секогаш да се движат во иста насока.
Токму тука се гледа суштината на актуелното реконфигурирање на „Западот“. Не станува збор нужно за распад на западниот сојуз, туку за промена на неговата внатрешна геометрија.
Вашингтон реално чини сѐ за да ја преобликува логиката на досегашниот
меѓународен поредок
Америка под Трамп настојува да има поголема слобода за директни договори со големите сили, додека Европа се соочува со потребата повторно да го дефинира сопствениот простор меѓу американската политика, украинското прашање и евентуалната постепена нормализација на односите со Русија.
Ако таквиот курс се потврди, договорите со Москва би можеле да бидат повеќе од економски аранжмани. Тие би биле сигнал дека Вашингтон сака да ја преобликува самата логика на меѓународниот поредок, и тоа од долгорочни блоковски обврски, во насока кон флексибилни, директни и мерливи ТРАНСАКЦИИ меѓу големите центри на моќ.
Во таа смисла, руско-американската економска перспектива не е само прашање на идните односи меѓу Трамп и Путин. Таа е и тест за тоа што ќе значи „Западот“ во вториот мандат на Трамп, дали тоа би бил „политички простор со заеднички стратешки приоритети“ или би бил „сојуз во кој Вашингтон и европските престолнини сè почесто ќе ги дефинираат своите интереси одделно“. Р.С.
Полска станува американскиот источен бастион во новото НАТО
- Трајната американска база во Полска е дел од поширокото преуредување на европската безбедносна архитектура. Администрацијата на Доналд Трамп бара Европа да преземе поголем дел од товарот за сопствената одбрана, при што Вашингтон сака да си го задржи клучното воено присуство
Американскиот претседател Доналд Трамп најави напредок кон воспоставување трајна база на американската армија во Полска, при што локацијата би можела да биде објавена наскоро. Полскиот претседател Карол Навроцки го поздрави потегот и порача дека Варшава ќе обезбеди најдобри можни услови за американското присуство. На прв поглед, станува збор за зајакнување на американско-полскиот сојуз. Но зад полската иницијатива се крие многу поширока промена во начинот на кој Вашингтон ја гледа својата воена улога во Европа. Во Полска веќе се распоредени американски сили на ротациска основа, а Варшава со години бара трајно американско присуство. Причината е јасна, а тежишната линија е тоа дека Полска се наоѓа на источниот раб на НАТО и директно ја чувствува безбедносната последица од руската војна против Украина. Но паралелно со зајакнувањето на Полска, Пентагон спроведува ревизија на американското воено присуство во Европа. Процесот, започнат во јуни, треба да утврди како американските сили да бидат распоредени така што европските сојузници ќе преземат поголема одговорност за конвенционалната одбрана на континентот. Токму ова е еден од клучните елементи на стратегијата на Трамп кон НАТО. Наместо досегашниот модел во кој САД носат значителен дел од воениот товар, Вашингтон бара европските членки да инвестираат повеќе, да произведуваат повеќе оружје и да преземат поголем дел од одговорноста за одбраната на Европа. Промената веќе доби институционална форма. Членките на НАТО се обврзаа до 2035 година да издвојуваат 5 проценти од БДП за одбраната и пошироки безбедносни инвестиции – најмалку 3,5 проценти за основните одбранбени потреби, а до 1,5 процент за инфраструктура, отпорност и други безбедносни намени. Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, го опишува овој процес како „НАТО 3.0“ – Алијанса во која европските сојузници и Канада преземаат поголема одговорност, додека трансатлантската врска продолжува да биде основа на колективната одбрана. Така, парадоксално, Трамп истовремено го преиспитува американското воено присуство во Европа и го зајакнува присуството на одбрани стратешки точки. Полска е очигледно една од нив. Во оваа нова географија на НАТО, источниот дел на Алијансата добива поголема тежина. Полска се наметнува како центар за американската воена инфраструктура, логистика и одбрана на источниот фронт, додека европските сојузници треба постепено да преземат поголем дел од конвенционалниот воен товар.
Последиците не се ограничени само на НАТО. Тие директно ја засегаат и Европската Унија. Под притисок на променетата американска политика, европските држави забрзано ги зголемуваат вложувањата во одбраната, а во Брисел се засилуваат иницијативите за европски одбранбени капацитети и поголема стратешка автономија. Сепак, тоа не значи дека ЕУ се оддалечува од НАТО. Напротив, двете структури и натаму се тесно поврзани, а НАТО експлицитно ја нагласува соработката со Европската Унија во безбедноста и одбраната. Она што се менува е распределбата на улогите. Америка сака посилна Европа во рамките на НАТО, но истовремено сака да има поголема слобода да ги концентрира сопствените сили таму каде што ги гледа своите пошироки стратешки интереси. Оттука, американската база во Полска може да се чита како симбол на новата формула што се идентификува како „повеќе европски пари и европски сили за европската одбрана, но селективно и стратешки распоредено американско воено присуство“.
За Варшава тоа е можност за дополнително зацврстување на нејзината позиција како една од клучните воени сили на источниот дел од Европа. За Брисел, тоа е потсетник дека европската безбедност сè повеќе ќе зависи од способноста на самите Европејци да менаџираат со новите околности. А за НАТО, полската база е дел од поголемата трансформација, не нужно помалку Америка во Европа, туку поинаква Америка во Европа. А за тоа каква ќе биде Америка во Европа, многу скоро времето ќе покаже. Р.С.

































