Фото: Маја Јаневска Илиева

Нашата човечка големина не е во совршеноста и безгрешноста, туку во храброста да признаеме грешка, да се преиспитаме, да побараме прошка и да најдеме сила да простиме, се вели во пораката од претседателката Гордана Силјановска-Давкова по повод одбележувањето на еврејскиот празник Јом Кипур, упатена до претседателот на Еврејската заедница Пепо Леви и до сите нејзини припадници.

-Дозволете ми, Вам, лично, како и на сите припадници на Еврејската заедница во Македонија на чие чело сте, со длабока почит кон Јом Кипур, да ви упатам искрени желби за духовен мир, здравје и благосостојба! Јом Кипур, најсветиот и највозвишениот празник во еврејската духовна традиција, е празник на тишината и молитвата, на постот и преиспитувањето, на покајанието и простувањето. На овој ден, човекот се повлекува од секојдневната врева и, со искрено и смирено срце, се соочува со сопствената совест, со своите постапки и со одговорноста што ја има кон ближниот, кон семејството и кон заедницата – се посочува во пораката од претседателката Силјановска-Давкова.

Нашата човечка големина, се додава, не е во совршеноста и безгрешноста, туку во храброста да признаеме грешка, да се преиспитаме, да побараме прошка и да најдеме сила да простиме.

-Денешниот ден нè потсетува дека помирувањето не е само религиозна, туку и суштинска човечка и цивилизациска вредност. Во свет во којшто сме сведоци на поделби, нетрпеливост и отуѓување, вредностите на Јом Кипур се повик за човечност, достоинство и заемно почитување. Заеднички да го градиме македонското општество како место во кое секој човек слободно и достоинствено ќе ја живее својата вера, традиција и културен идентитет, а различностите ќе бидат мостови на разбирање, а не линии на поделба- се порачува во пораката од претседателката Силјановска-Давкова по повод одбележувањето на еврејскиот празник Јом Кипур.