ФУДБАЛ
Во пресрет на 23. Светско првенство (СП) во фудбал, Европа води со 12-10 во бројот на освоени титули во трката со Јужна Америка, а вкупно пет европски и три јужноамерикански репрезентации досега ги освоија трофеите. Најмногу успеси има Бразил, со пет титули, по четири освоија Италија и Германија, три актуелниот шампион Аргентина, по две Уругвај и Франција, а по една Англија и Шпанија. Досега СП се играло 11 пати во Европа, пет пати во Јужна Америка, четири пати во Северна Америка (заедно со СП 2026), двапати во Азија и еднаш во Африка.
Светската фудбалска федерација (ФИФА) за планетарните шампиони досега имаше два пехара. Првиот, со име „Трофеј Жил Риме“, во игра беше од 1930 до 1970 година, кога Бразил, според тогашните правила, трајно го освои пехарот, откако третпат ја освои светската фудбалска титула. Тој пехар го освоија пет селекции, и тоа трипати Бразил, по двапати Италија и Уругвај, а по еднаш Германија и Англија.
Од Мундијалот во 1974 година Светската фудбалска федерација воведе нов трофеј, со име „ФИФА Светско првенство“ и, според новите правила, тој останува сопственост на ФИФА, а шампионите добиваат позлатена копија. Новиот пехар во своите витрини го имаат шест репрезентации, откако трипати го освоија Германија и Аргентина, по двапати Бразил, Италија и Франција, а еднаш Шпанија. Вкупно двата пехара ги освојуваа само три репрезентации, и тоа Бразил (трипати првиот и двапати вториот трофеј), Германија (1/3) и Италија (2/2).
Репрезентации од Европа и од Јужна Америка досега се сретнаа во 11 финалиња, а води Јужна Америка со 8-3. Во такви финалиња Бразил победи пет пати (на мечеви со Шведска, Чехословачка, двапати со Италија и со Германија), Аргентина трипати (Холандија, Германија, Франција), Германија двапати (двапати Аргентина) и Франција еднаш (Бразил).
Селекции од Јужна Америка меѓу себе играа во две финалиња на светските првенства, и тоа во 1930 и во 1950 година (двапати победи Уругвај, прво на меч со Аргентина, а потоа на средба со Бразил), а натпревари за планетарна титула само со европски репрезентации имаше на девет мундијали, и тоа во 1934 (победи Италија на меч со Чехословачка), 1938 (Италија – Унгарија), 1954 (Германија – Унгарија), 1966 (Англија – Германија), 1974 (Германија – Холандија), 1982 (Италија – Германија), 2006 (Италија – Франција), 2010 (Шпанија – Холандија) и во 2018 година (Франција – Хрватска).
Вкупно, Бразил славеше на четири континенти, и тоа двапати во Северна Америка (во 1970 година во Мексико и во 1994 година во САД) и по еднаш во Европа (во 1958 г. во Шведска), Јужна Америка (во 1962 г. во Чиле) и во Азија (во 2002 г. во Јужна Кореја и во Јапонија), Аргентина секоја од трите титули ги освои на различен континент, во 1978 година во Јужна Америка (домаќин), во 1986 година во Северна Америка (во Мексико) и во 2022 година во Азија (во Катар), а на повеќе од еден континент титули освои само уште Германија, и тоа три во Европа (1954 г. во Швајцарија, 1974 г. дома и 1990 г. во Италија) и една во Јужна Америка (2014 г. во Бразил). Само Шпанија кога освоила титула, освоила само на континент надвор од матичниот (2010 година во Јужна Африка). Од осумте планетарни шампиони, само Бразил и Шпанија не славеле кога биле домаќини на првенство, а сите други по еднаш (Уругвај во 1930 година, Италија во 1934 г., Англија во 1966 г., Германија во 1974 г., Аргентина во 1978 г. и Франција во 1998 година). Н.М.

































