„Experimentia Macedonica“

Не можам да се изначудам какви сѐ не глупоштии се изнаслушавме изминативе денови, како да се работи за прашање на животот и смртта, а се работи всушност за една најобична смена на власта, која наместо да се спроведе на избори, како во целиот нормален цивилизиран свет, во „Experimentia Macedonica“ се спроведува во фази, како што ни наложија мудрите странци пред некоја година во Пржино. Се разбира, ние како добри домаќини, на кои гласните жици им се отсечени од санитарни причини, а знаковниот јазик не го познаваме, туку само знаеме да кимаме со главите, без поговор го прифативме пржинскиот ферман и сега изнаоѓаме стотици правни кривини за да се надмудруваме на домашен терен, демек кој кого ќе превесла. А кога требаше да покажеме мускули пред странците, да кажеме дека знаеме сами да весламе, тогаш само цицавме весла и мудро молчевме. А, да, и бргу-бргу го потпишавме тоа што ни го подметнаа

Драмолетката заврши. Се тресеше гората, се роди глувче. Така приближно би можела да се опише атмосферата во изминативе дваесетина дена во нашава држава. Власта и опозицијата го отруја народот со разно-разни комбинации за тоа каков може да биде расплетот околу инаугурацијата на „македонската направија“ – техничката влада. Те може без едни да се гласа, те не може да се гласа, па потоа дали ќе бидат физички присутни, па што ќе речат странците… фалеше уште да викнат и некоја бабичка гатачка да им ја чита судбината… Патем, се изнаредија секакви аналитичари од „општа култура“, знаете оние што се експерти од вселенската програма на НАСА, до тоа зошто доцни возот од Битола до Скопје, кои ни ги толкуваа работите што не се толкуваат.
Не можам да се изначудам какви сѐ не глупоштии се изнаслушавме изминативе денови, како да се работи за прашање на животот и смртта, а се работи всушност за една најобична смена на власта, која наместо да се спроведе на избори, како во целиот нормален цивилизиран свет, во „Experimentia Macedonica“ се спроведува во фази, како што ни наложија мудрите странци пред некоја година во Пржино.
Се разбира, ние како добри домаќини, на кои гласните жици им се отсечени од санитарни причини, а знаковниот јазик не го познаваме, туку само знаеме да кимаме со главите, без поговор го прифативме пржинскиот ферман и сега изнаоѓаме стотици правни кривини за да се надмудруваме на домашен терен, демек кој кого ќе превесла. А кога требаше да покажеме мускули пред странците, да кажеме дека знаеме сами да весламе, тогаш само цицавме весла и мудро молчевме. А, да, и бргу-бргу го потпишавме тоа што ни го подметнаа.
Е па, затоа сега ќе ги сносиме сите заедно последиците од чорбата што сами си ја зготвивме. Поточно, ни ја зготвија нашите климоглави политичари.
И затоа се чудам на непотребната дискусија, анализи, мудрувања за кои народниот мислител одамна ја сковал поговорката „по свадба тапани“.
И во целата таа мешаница на ставови, една работа останува нејасна – како е можно она што не ни се допаѓа и е крајно негативно, антиевропски, нецивилизирано, назадно, да важи кога сме на власт, а кога ќе дојдеме во опозиција истото тоа да биде најдобро на светот и да го браниме до последна капка крв. И обратно, се разбира, разликите се во нијанси.

Па така, ќе ни се случуваат апсурдни ситуации, на јавна сцена да напаѓаме нешто за што толку вчера сме се залагале од петни жили, како ситуацијата пред два-три дена со обвинувањето за негласање во Собранието за идната влада, без да се знае дека тоа е веќе видена ситуација. Само од обратна страна.
Но, како и да е, од вчера веќе старата влада замина во историјата. Новата, односно, подновената со две-три позиции, во наредниот период ќе има само техничка функција. Тоа наедно значи дека и Собранието ќе добие привремен спикер до следните избори. В недела би требало целиот процес да се заокружи со изборот на новата техничка влада. Ни останува само да ѝ посакаме среќа, да си го одработи своето за што е избрана и мирно да ги дочекаме изборите. Сѐ друго е само дел од нашиот политички фолклор.
Надмудрувањата, кавгите и препирките ќе продолжат, народот поделен меѓу СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ ќе продолжи да се подвојува, да навива за своите, да ги сатанизира „оние другите“, како да сме ние во Македонија едните дојдени од Марс, а другите којзнае од каде, па не можеме никако да најдеме заеднички јазик.

Не е никаква утеха, туку само уште еден „доказ“ дека очигледно почвата има некакво чудесно влијание врз народов, па би спомнал овде дека многу слични коментари читам и кај моите пријатели Албанци на социјалните мрежи, дека и меѓу нив се појавуваат чудни и неразбирливи, дури и за нив, поделби.
Да се запраша човек, да не е можеби посебно зрачена оваа наша земја, па да нѐ наведува постојано да се караме, да се надмудруваме, да се надлажуваме и да не можеме никако да најдеме нешто што ќе нѐ сплоти, што ќе нѐ натера заеднички да тргнеме напред. Можно ли е толку да сме проколнати и да не гледаме дека светот околу нас оди со големи чекори напред, дека се поврзува инфраструктурно, енергетски, економски, дигитално, на секој можен начин, дека куче и маче ќе најдат заеднички јазик за да одат напред.
Само ние овде останавме да се задушуваме во котелов во кој никој не смее ниту глава да крене, оти веднаш барем двајца ќе го повлечат за нозете за да се врати во заедничката чорба.