Домаќине, добри гости ти дојдоа

И ситнежот да се опфати! „Сеопфатен пристап“, почнувајќи од „портирот на врата“, побара министерот Османи. Веројатно на овој начин тој ќе успее да прикаже и поголема бројка на „успешно реализирани акции во борба против корупцијата“, а статистиката би направила привид дека „се спроведуваат ефикасни мерки“! Дали меѓународната ќе наседне на ваквата наша итроштина, кога се знае дека високата корупција всушност го зема „лавовскиот дел од вкупната корупција“ и дека токму „сотирањето на високата корупција, која ја прави најсуштинската општествена штета, треба да биде главно тежиште на антикорупциската војна?“

Многу врева се крена деновиве во врска со најавата дека специјален тим за санкции од американското министерство за правда пристигнал во земјава за да истражи наводи за корупција кај актуелни функционери. По првичната збунетост, власта веднаш се дочека на нозе и го поздрави доаѓањето на експертите. Министерот за надворешни работи Бујар Османи дури изјави дека македонските власти самите побарале американска помош во борбата против корупцијата. За да дообјасни зошто сме побарале помош, Османи посочи дека корупцијата во Македонија „не е само во политиката туку во секој општествен сектор. Секаде каде што граѓаните се јавуваат на шалтер и бараат услуга од државата има елементи на корупција. И ништо не сме направиле ако имаме селективен пристап во овој дел“, рече министерот, односно борбата против корупцијата да се фокусира и на поситната, граѓанска корупција. И ситнежот да се опфати! „Сеопфатен пристап“, почнувајќи од „портирот на врата“, побара Османи. Веројатно на овој начин ќе прикаже и поголема бројка на „успешно реализирани акции во борба против корупцијата“, а статистиката би направила привид дека „се спроведуваат ефикасни мерки“! Дали меѓународната ќе наседне на ваквата наша итроштина, кога се знае дека високата корупција, всушност, го зема „лавовскиот дел од вкупната корупција“ и дека токму „сотирањето на високата корупција, која ја прави најсуштинската општествена штета, треба да биде главно тежиште на антикорупциската војна?“
Веста дека во земјава доаѓа „антикорупциски ноу-хау“, потекна од амбасадорката на САД, Анџела Агелер, која објави дека во земјава пристигнал тим за санкции од Вашингтон, што е тука за поагресивен преглед на минатите и сегашни корумпирани носители на јавни функции. На посебен тапет ќе биде правосудството, во кое, според неа, Американците инвестирале „милиони и милиони долари“ во изминатите децении. Верува дека граѓаните заслужуваат да видат поврат на таа инвестиција, да видат судство што работи за нив, кое им покажува дека правдата им е достапна.
Амбасадорката, која важи за одличен познавач на состојбите во земјава, уште во своите први изјави откако почна процедурата за нејзино акредитирање ја стави борбата против корупцијата високо во агендата. Не помина многу време од нејзиното доаѓање, таа изрази „збунетост“ поради изборот на новиот шеф на Обвинителството за борба против организираниот криминал и корупција, кој има лични познанства со челниците на ДУИ, бидејќи како што рече „САД потрошија милиони долари на обука на обвинители“ во правосудниот систем. Уште еден жолт картон пристигна и од евроамбасадорот Дејвид Гир, кој изрази разочараност од брзината на прогресот во владеењето на правото. Тој рече дека „ЕУ и нејзините земји-членки инвестираа голема сума на техничка експертиза и финансиска помош во областа на владеењето на правото, вклучувајќи и кај обвинителите“ и дека очекуваат да има резултати од таа помош.

Веста дека во земјава доаѓа „антикорупциски ноу-хау“ потекна од амбасадорката на САД, Анџела Агелер, и одекна како бомба. Таа објави дека во земјава пристигнал тим за санкции од Вашингтон, кој е тука за поагресивен преглед на минатите и на сегашните корумпирани носители на јавни функции. На посебен тапет ќе биде правосудството во кое, според неа, Американците инвестирале „милиони и милиони долари“ во изминатите децении. Верува дека граѓаните заслужуваат да видат поврат на таа инвестиција, да видат судство што работи за нив, кое им покажува дека правдата им е достапна

Речиси незабележливо мина изјавата на заменик-помошникот државен секретар на САД, Габриел Ескобар, на настан посветен на евроатлантската иднина на регионов, кога потсети дека САД ќе преземат чекори да ги казнат корумпираните функционери од Балканот за да се тргнат од одговорните позиции.
Пред некој ден се огласи и германската амбасадорка Анке Холштајн, која истакна дека напредокот на Македонија на патот кон Европската Унија ќе зависи во голема мера и од успешното сузбивање на корупцијата.
И по толку најави, опомени и укажувања, на сцена се очекува да стапи специјалниот тим. Засега не е обелоденето која ќе биде конкретната улога на тимот, иако нашите експерти за сѐ и сешто веќе почнаа да лицитираат со наводните цели и задачи. Некои од луѓето што овде се претставуваат како добро упатени во состојбите веќе најавуваат дека ќе се проширува т.н. црна листа, поточно листата на лица што се под санкции на САД.
Значи, според најавите, добра работа е ова со доаѓањето на Американциве. Се разбира, ако успеат да ни помогнат барем малку да подрасчистиме со корупцијава.
Додуша има овде и луѓе што велат дека нивното доаѓање не е добредојдено, дека си имаме ние свои тела и органи што треба да се борат со корупцијата, дека…
Притоа потсетуваат дека во земјава постои Државната комисија за спречување корупција и Обвинителството за организиран криминал и корупција, дека во безбедносните органи има повеќе служби што се директно насочени кон оваа проблематика. Згора на тоа, да се потсетиме дека во април 2021 година, парламентот ги усвои Националната стратегија за спречување корупција и судир на интереси 2021-2025 година и поврзаниот акционен план. Јавни набавки, вработување во јавен сектор, политички систем, правосудство и органи за спроведување на законот се петте клучни и основни сектори во кои е детектиран висок ризик од корупција, покажува Националната стратегија за спречување на корупцијата и судирот на интереси.
Значи, проблемите се детектирани, институционално сме добро поставени за борба со нив, но резултатите, за жал, се такви какви што се, па на крајот странците мораа да ни укажат дека работат не ја бива и да ни испратат тим. И тоа специјален. Како да сме ние „специјалци“.

Така приближно стојат работите. Но едно прашање провејува во целава оваа ситуација, кое не може да не биде поставено. Како е можно од толку силни комисии, агенции, служби, органи, резултатите да бидат толку ниски, речиси невидливи? Ние отсекогаш сме примале гости, сме биле добри домаќини… Но дали било тоа само привиден впечаток? Добрите домаќини ги примаат гостите во средено домаќинство, отворено и чисто, можеби секогаш не во големо изобилство, но педантно средено и уредно! А дали е тоа така? Па какви домаќини сме ние ако не можеме низ дома да си расчистиме. До кога ќе бидеме силни само во кафеана по две-три жолти, за да запееме народни песни и да се јуначиме, а во пракса да немаме сила да го извадиме од чевелот камчето што ни пречи во одењето. Еве, да речеме, во одењето кон Европа?