Чествувањето на Делчев и македонскиот суверенитет и интегритет

Космополитискиот македонизам на Гоце Делчев е колосален: и етички, и морален, и алтруистички, и универзално вредносен, а истовремено и највисок- патриотски! Но ист таков пиетет и етика и се очекува да се оддаде кон него од сите оние што ќе дојдат (да се поклонат) на неговиот гроб во Скопје. Се очекува никој од нив ниту да помисли да ги сквернави сонот и делото на Гоце, во прв ред за слободна и независна Македонија. Се очекува секој што ќе му се поклони на Гоце да искаже почит за државата Македонија и за Македонците. На 4 февруари не смее да се погази цивилизациската вредност на македонската идеја на Гоце Делчев!

Кон крајот на летото 2002 година, кога печатените медиуми беа сѐ уште во центарот на процесите на информирањето и сѐ уште постоеше интензивна навика за читање весници, или барем на трафика да се прочитаат ударните наслови, талкајќи по улиците на Кан (гратчето во Франција), од штандот со изложени весници како да врескаше со најголеми букви еден наслов: „Што ќе правите на 11 септември?“. Првото рефлексно прашање беше – „а зошто, па баш на 11 септември“, пред мигот кога самопрекорно ми се врати сеќавањето дека тогаш се навршуваше една година од терористичкиот напад на кулите близначки во Њујорк. Трагичен настан за кој е извесно дека го промени светот или барем свеста дека светот не е повеќе безбедно место за живеење. Главната поента на текстот во францускиот весник, во таа 2002 година, беше дека треба да се внимава на безбедноста, каде и да сте во светот на 11 септември, но насловот, како новинарски израз, ми остана во некоја потсвесна колекција на наслови за парафразирање.
Веќе две-три седмици во Македонија, со развојот на настаните поврзани со одбележувањето на 151-годишнината од раѓањето на македонскиот револуционер Гоце Делчев, е создаден општествен амбиент во кој и приватните средби и дружења започнуваат со прашањето што ќе правите на 4 февруари. Општествената и меѓудржавна тензија за чествувањето на идеологот на самостојната македонска држава и македонска нација, Гоце Делчев, прерасна во сериозна безбедносна импликација по провокативната најава од една бугарска фондација за масовна организирана посета на вечното почивалиште на великанот во црквата „Свети Спас“ во Скопје, со однапред планирана провокативна иконографија што треба да го докаже неговиот „бугарски идентитет“. Револтот од таквата најава, во Македонија беше дополнително ескалиран и восприемен како долевање масло на оган на сите претходни провоцирачки национал-шовинистички манифестации од бугарски политичари, кои среде Скопје отворено го негираат македонскиот национален идентитет, па и територијалниот интегритет и суверенитет на земјата. Како своевиден условен, природен одбранбен рефлекс во Македонија се појавија иницијативи за чување/ бдеење на гробот на Делчев, што ја издигна ситуацијата на степен на сериозен безбедносен ризик. Но тука се роди уште една стапица, во низата замки плетени со мрежата на клаузули и алинеи од фамозниот Договор за добрососедство.
Зар некој треба од странска држава, која во моментов не ни е баш во „добрососедски мод“, да ни донесе безбедносни сили и да спроведува „јавен ред и мир“ на наша територија, во контекст на сопствените законски прописи?! Луѓе, се сеќавате ли што значи тоа „сувереност“ и „суверенитет“?

Имено, на почетокот на оваа седмица беше остварена средба меѓу министрите за внатрешни работи на Македонија и на Бугарија, во интерес на „заедничка контрола на ситуацијата со можни ризици од провокации“. Ама, ви се молам?! Оставете веќе заедничка историја, заедничко чествување, па сега и заедничка безбедносна контрола?! Една суверена држава со друга нема ништо ЗАЕДНИЧКО, по овие три основи. А башка што не само овие три, туку има уште најмалку триста триесет и три што се сопствени, свои, оригинални и ничии други.
Во бугарските медиуми се изнесени и „понуди“ дека бугарското министерство за внатрешни работи може да обезбеди помош во полицајци (?!) за чествувањето на Гоце Делчев, на 4 февруари со Скопје, „ако има такво барање од македонското МВР“. Во понудата се нагласува дека Македонија, т.е. македонските безбедносни служби се одговорни за настанот, но и Бугарија можела да „обезбеди помош“ на македонска територија. Која небулоза, која ли замка, која ли смела провокација, уште пострашна од онаа со насилните групи од Бугарија индоктринирани да прават нереди?!
Ова не е основа за сомневање и во добронамерноста на оваа понуда за „позајмување“ бугарски полицајци на македонска територија. Ова е материјален доказ зошто во македонското општество организираната (чествување) посета на бугарски граѓани на гробот на Делчев на секој начин, институционален и вонинституционален, се третира како атака со негирање на македонскиот државен интегритет и суверенитет.

Во тензичниот амбиент создаден од провоцирачките изјави на бугарските политичари дека „Македонија е втора бугарска држава“, присуството на бугарски полицајци на местото на настанот (или на македонска територија на патот од граничните премини до Скопје) оценет како висок безбедносен ризик, не би придонело за создавање поповолна безбедносна перцепција за избегнување инциденти. Конечно, Македонија е суверена држава со свој безбедносен систем што треба да го обезбедува и да го гарантира територијалниот интегритет на земјата. И покрај сите отворени недобрососедски и недобронамерни изјави упатени од најавените гости од Бугарија за чествување на Гоце Делчев, македонските власти одлучија да не ја спречат нивната посета на 4 февруари во Скопје.
Космополитискиот македонизам на Гоце Делчев е колосален: и етички, и морален, и алтруистички, и универзално вредносен, а истовремено и највисок- патриотски! Но ист таков пиетет и етика и се очекува да се оддаде кон него од сите оние што ќе дојдат (да се поклонат) на неговиот гроб во Скопје. Се очекува никој од нив ниту да помисли да ги сквернави сонот и делото на Гоце, во прв ред за слободна и независна Македонија. Се очекува секој што ќе му се поклони на Гоце да искаже почит за државата Македонија и за Македонците. На 4 февруари не смее да се погази цивилизациската вредност на македонската идеја на Гоце Делчев!