И сега што, ќе се предаваме или ќе бегаме (од настава)?

Во ситуацијава, оправдани се реакциите и про и контра. Од една страна, оправдан е стравот кај родителите што не ни помислуваат да ги пуштат децата на училиште во услови кога има над 1.000 новозаразени лица и брзо ширење на делта-сојот, а од друга страна, разбирливи се и реакциите на родителите што велат дека онлајн наставата донела повеќе штета одошто придобивки во целокупниот процес на учење

Големи поделби меѓу родителите има по најавата за враќање во училишните клупи на учениците од 1 септември. Иако реакциите се многубројни, како оние што се за, така и оние што се против идејата за враќање во школо, засега Министерството за образование и наука се држи на ставот дека учебната година ќе започне со физичко присуство. Во ситуацијава, оправдани се реакциите и про и контра. Од една страна, оправдан е стравот кај родителите што не ни помислуваат да ги пуштат децата на училиште во услови кога има над 1.000 новозаразени лица и брзо ширење на делта-сојот дури и меѓу вакцинираните, а од друга страна, разбирливи се и реакциите на родителите што велат дека онлајн наставата донела повеќе штета одошто придобивки во целокупниот процес на учење.
Учениците во Мисисипи, во училишните клупи се вратија на 9 август. Оттогаш досега, повеќе од 20.000 тамошни ученици се веќе во карантин поради изложеност на коронавирусот, што е околу пет отсто од учениците во државните училишта во државата. Бројот на инфицирани расте низ целата земја поради многу преносливата варијанта на коронавирусот. Овој пример, но и фактот дека и наши педијатри предупредуваат дека периодов ординациите им се полнат со деца што се позитивни на ковид-19, нашите здравствени власти треба да ги имаат предвид кога ќе одлучуваат за тоа како треба да започне и да тече учебната година.

Од друга страна, факт е дека наставата со физичко присуство е од суштинско значење за целиот процес на учење, но и на целокупната благосостојба на учениците. На светско ниво изминатава година се покажа дека физичкото и емоционалното здравје на децата и на младите е длабоко погодено од пандемијата на ковид-19. Ограничувањата на училиштата, односно нивното затворање и воведувањето модели на учење што значително ја намалија директната интеракција помеѓу децата, нивните врсници и нивните наставници, значително го нарушија процесот на учење, ја влошија образовната нееднаквост и ги лишија децата од друга поддршка и активности достапни преку училиштата, вклучувајќи програми за храна, физичка активност, спорт… Ова беше доволна причина некои држави да изградат став дека од суштинско значење е да се оди напред, односно образовните, физичките и менталните потреби на учениците да бидат приоритетни и заштитени, за да се обезбеди одржливо присуство на училиште, односно учење со физичко присуство. Но колку е паметно да се изведе ова на овој начин, со оглед на тоа дека на десет дена пред почетокот на новата учебна година доктори предупредуваат дека токму децата се погодени од ковид-19, односно дека развиваат потешка клиничка слика за разлика од претходно кога поминуваа со лесни симптоми?

Факт е дека наставата со физичко присуство е од суштинско значење за целиот процес на учење и за целокупната благосостојба на учениците. На светско ниво изминатава година се покажа дека физичкото и емоционалното здравје на децата и на младите е длабоко погодено од пандемијата на ковид-19. Ограничувањата на училиштата, односно нивното затворање и воведувањето модели на учење што значително ја намалија директната интеракција помеѓу децата, нивните врсници и нивните наставници, значително го нарушија процесот на учење, ја влошија образовната нееднаквост и ги лишија децата од друга поддршка и активности достапни преку училиштата, вклучувајќи програми за храна, физичка активност, спорт…

Можеби не е лошо властите да дејствуваат локално и да имплементираат мерки за организација на наставата на начин што ќе одговара на конкретната општина/училиште, зависно од тамошната локална епидемиолошка слика. И онака во игра се три сценарија, првото е целосно отворање на училиштата и сите ученици да бидат во клупите, во согласност со сите усвоени протоколи. Второто сценарио предвидува наставата да биде како и во 2020/2021, која се покажа како успешна и ефективна – дел од учениците да посетуваат настава со физичко присуство под посебни протоколи, а дел да реализираат онлајн настава. Третото сценарио предвидува ротирање на учениците на една недела со физичко присуство во училиштата, за да нема нивно целосно затворање.
Неопходно е да се има предвид и фактот дека докторите предупредуваат дека ковид-19 ја напаѓа и детската популација. Ако децата лесно го поминуваа вирусот, сега се случува на некои од нив да им е потребна и кислородна поддршка. Како што тврдат некои од нив, децата што се обраќаат за помош на лекар имаат покачена телесна температура, затнат нос, чувство на слабост и малаксаност, па откако се тестираат излегува дека се позитивни на вирусот. Ова искуство покажува дека можеби и во право се некои доктори кога велат дека се апсолутно против децата да одат на училиште, особено сега, кога и тие се разболуваат, не само што го шират вирусот. Делта-варијантата реално се покажува како поопасна од претходните варијанти, а се покажува и дека вакцината не го спречува ширењето на вирусот и не ја исклучува смртноста. Затоа, мора да „се игра“ многу внимателно.
На социјалните мрежи, поборниците за учење онлајн, реагираа неодамна, па членовите на групата ,,Поддршка за онлајн настава“ испратија писмо до премиерот. во кое бараат повторно да се овозможи онлајн настава. Тие предупредија дека во повеќе училишта во Канада и во САД уште минатото полугодие направиле план да им се овозможи онлајн настава на учениците за учебната 2021/2022 година по барање на нивните родители, па побараа и тие да имаат такво право. Родителите потенцираа дека физичкиот престој во училиште под маски и каква било физичка дистанца во преполни училници не ги овозможуваат ефектите што ги очекуваат властите, зашто таквата средина е стресна, неизвесна, не е поволна за развој, социјализација и едукација на учениците и, според нив, таквата средина го овозможува натамошното ширење на вирусот.

Со помалку од 20 случаи на ниво на држава, лани беше одлучено да се затворат сите градинки, училишта и факултети во државата. Годинава имаме вакцина, но во исто време имаме и поопасни соеви, како и по над 1.000 нови случаи на ден, а се размислува за целосно отворање на училиштата и за враќање на сите ученици во училишните клупи. Она што останува во една ваква сериозна ситуација е надлежните да внимаваат и да направат правилна процена во однос на почетокот на учебната година и да дејствуваат зависно од ковид-ситуацијата. Затоа што приоритет треба да остане здравјето на населението.