Ниту пропагандистите на талибанците немаше да осмислат позастрашувачки глетки, доколку го пишуваа сценариото за колапсот за американската 20-годишна мисија во Авганистан, пишува „Економист“. Како што талибанците влегоа во Кабул, исплашените Авганистанци трчаа кон американските товарни авиони на пистата на тамошниот аеродром, во очајнички обид за бегство што доведе и до смртни случаи. А авганистанската влада поддржувана од САД се предаде без борба, што американските власти инсистираа дека нема да се случи.

Америка потроши повеќе од два трилиона долари во Авганистан, повеќе од две илјади Американци ги загубија животите, а настрадаа и бројни Авганистанци. Државата сега се врати во состојбата пред американската инвазија. Талибанците контролираат поголем дел од територијата отколку претходно, тие се подобро вооружени стигнувајќи до оружјето што Америка го намени за авганистанската армија, а сега имаат и силна потврда на нивното владеење – победата над суперсилата.

Исчезнаа и слободите кои Авганистанците ги стекнаа во изминатите 20 гоини, што е разочарувачки исход за 39-те милиони жители на Авганистан и силен удар врз Америка.

– Не е изненадувачки што Америка не успеа да го претвори Авганистан во демократија. Но тоа не ја ослободува од одговорноста за спроведување на организирано повлекување. Како резултат на сегашната ситуација, значително се намали американската моќ за одбивање на непријателите и за уверување на пријателите. Нејзиното разузнавање е дефектно, нејзиното планирање ригидно, нејзините лидери се каприциозни, а американската грижа за сојузниците е минимална – заклучува британскиот магазин.