Фото: Маја Јаневска Илиева

Со отворањето на новата детска градинка во населеното место Инџиково се создаваат подобри услови за најмладите и се подобрува квалитетот на живот на граѓаните – изјави денеска премиерот Христијан Мицкоски на пуштањето во употреба на објектот во општина Гази Баба.

– Кога се пушта во употреба ваков проект, тоа значи дека ќе има повеќе среќа, повеќе радост, повеќе убави моменти, пред сѐ за најмилите, за дечињата. Проектите што ги почнавме уште при самото формирање на Владата во јуни 2024 година полека, но сигурно добиваат своја смисла, односно еден по еден се завршуваат и се пуштаат во употреба – истакна Мицкоски.

Тој посочи дека Владата ќе продолжи со реализација на нови капитални проекти во државата оценувајќи дека нивна цел е животот на граѓаните да биде поубав и поквалитетен.

Министерот за социјална политика, демографија и млади Ѓоко Велковски истакна дека проширувањето на мрежата на детски градинки е дел од националната стратегија за надминување на листите на чекање и зголемување на опфатот на деца во предучилишното образование.

– Денеска, повеќе од 1.400 деца дополнително се внесени во системот на детска заштита во изминатите две и пол години. Проектот што го нарекувавме „40 градинки“ веќе преминува во бројка од 50 бидејќи континуирано ја зголемуваме програмата на капитални инвестиции – нагласи Велковски.

Тој најави дека, освен завршените објекти, набргу ќе почне изградбата на нова градинка во населбата Сингелиќ нагласувајќи дека целта е секое дете да добие место во системот на детска заштита.

Според градоначалникот на општина Гази Баба, Бобан Стефковски, инвестициите во детската заштита биле поставени како еден од главните приоритети на локалната самоуправа.

– Денеска, присуствувавме на свечено отворање на новата детска градинка во Инџиково. Објектот се простира на 500 квадратни метри, има три занимални и ќе згрижи повеќе од 50 деца – информира Стефковски.

Тој потсети дека годинава во Гази Баба се отворени две детски градинки, во Трубарево и Инџиково, а интензивно се гради и трета градинка на потегот меѓу Маџари и Инџиково.

Според Стефковски, до крајот на годината треба да биде поставен и камен-темелник на четврта детска градинка во општината.