Пропадната држава за пропаднати животи

Чекајќи ја Европа се разболуваме и умираме. Тивко и систематски. Од ковид, во запалени болници, во неисправни автобуси, во нехигиенски болници, од нестручни партиски доктори. Смртта стана придружник на политиката

Македонија стана жива болештина. „Северна“ Македонија сериозна дијагноза. Реално. Оваа власт ја разоткри хронично болната држава – корумпирана политичка квазиелита, склеротична бирократија, бездушна економија, поделена, апатична и расеана јавност – состојби што не се лекуваа со години. Потребна ни беше власта, баш ваква каква што е денес, да ја открие сериозноста на заболувањето на државата. Да нѐ шокира со признавањето дека живееме во држава што е категоризирана со висок ризик. Животот во ваква држава стана од висок ризик. Секое утро во бескрајните години на моралното, политичко и економско пропаѓање оваа власт ни покажа како е да се будиме како граѓани на пропадната болна држава. Научивме да живееме и сѐ повеќе да умираме со симптомите на заболената држава.

Велат дека пропаднатите држави се напнати, длабоко конфликтни, опасни и жестоко оспорувани од конфликтните фракции. Пропаднатата држава е политика што повеќе не е способна или не сака да ги извршува основните задачи на националната држава во современиот свет. Пропаднатите држави покажуваат дефектни институции. Односно, функционираат само институциите на извршната власт. Законодавни тела постојат да ги ратификуваат одлуките на извршната власт. Демократската дебата е забележливо отсутна. Судството е дериват на извршната власт наместо да биде независно, а граѓаните знаат дека не можат да се потпрат на судскиот систем за значителна отштета или правен лек, особено против државата. Бирократијата одамна го има изгубено чувството за професионална одговорност и постои исклучиво за да ги извршува наредбите на извршната власт и, на ситни начини, да ги угнетува граѓаните.

Ваквите држави нудат неспоредливи економски можности, но само за оние привилегираните. Корупцијата цвета и напредува во невообичаено деструктивни размери. Националната држава пропаѓа и го губи легитимитетот. Државата сѐ повеќе се доживува како сопственост на ексклузивна класа или група, а сите други се оттргнати настрана. Општествениот договор што ги врзува жителите станува прекршен. Различни групи граѓани престануваат да ѝ веруваат на државата. Во помаргинализирани агли на овие држави, теророт може да се размножи заедно со преовладувачката анархија што природно ги придружува распаѓањето и неуспехот на државата.

Пропаднатите држави не можат или нема да го испорачаат она што им е потребно на граѓаните за да живеат пристоен, безбеден живот. Тие не се само безбедносен ризик – тие се сериозен здравствен ризик за граѓаните. Овие држави се тивок убиец на многу луѓе низ светот, и тоа не е само Божји чин? Не баш. Тие се болест, тие се рецепт за умирање. Погледнете ја смртноста во Македонија последниве години и ќе ви стане јасно за тоа во каква држава живееме. Што може друго да очекувате од живот во пропадната држава? Каков квалитет на живот може да ви понуди ваква држава? Зарем по сѐ што доживеавме во последниве години очекувате дека вашето здравје нема да биде нарушено? Колку срца не издржаа во последниве години? Не е до зеленчукот и повеќе вежбање.

Македонија стана држава на „дијазепами“. Фактот дека живеете во Македонија е полош за вашето здравје и прави поголема веројатност да умрете помлади отколку ако тоа го правите на друго место надвор. Здравјето нема цена, не познава нација, нема држава. Затоа и егзодусот е сѐ поголем. Чекајќи ја Европа се разболуваме и умираме. Тивко и систематски. Од ковид, во запалени болници, во неисправни автобуси, во нехигиенски болници, од нестручни партиски доктори. Смртта стана придружник на политиката. Изгледа дека патувањето на смртта во Македонија е главно политичко, повеќе отколку економско. Затоа државата молчи. Битно е сексуалното здравје. Мислам дека дојде време за повик за будење. Не можеме да го ставиме сопственото здравје на автопилот; ја немаме невидливата рака на развој што ќе ни го зголеми животниот стандард со текот на времето и ќе ни донесе подобар квалитет на животот. Особено не може да очекувате ништо од оваа власт дека може да ја промени ваквата состојба.

Во пропаднатите држави надежта и безнадежноста играат активна улога во процесот на умирање. Безнадежноста не е едноставно отсуство на надеж, туку приврзаност кон форма на надеж што е изгубена. Онаа надеж што нѐ држеше сиве овие години дека Македонија можеби „ќе ја биде“ и која се претвори во „нема да ја биде“. Сега ги гледаме сите наши заблуди и лаги на големите историски постигнувања на оваа власт во политиката, кои станаа тивкиот убиец на Македонците. Пропадната држава за пропаднати животи. Тоа е македонската реалност денес. Да живеете во ваква држава е ризик. Да преживеете е успех. И оди после зборувај ми за заробена држава.