Технички неисправните возила ги загрозуваат безбедноста и животната средина

Проф. д-р Тодор Давчев

Патниот сообраќај е најмасовниот вид транспорт за превоз на патници и товар на кратки и на долги растојанија. За безбедно и ефективно извршување на транспортните задачи треба да бидат исполнети барања поврзани со техничката состојба на возилата. Техничката контрола на исправноста на возилата е основна алатка за процена на нивната техничка состојба – на ризиците за нивното безбедно движење и на состојбата прифатлива за човековата околина.

Во контекст на ова, Европскиот парламент и Советот на Европa во 2014 год. ја донесоа Директивата 2014/45/ЕУ, која се однесува на техничките прегледи на моторните возила и нивните приклучни возила. Таа се применува во сите земји на Унијата од 20 мај 2018 год.
Подолу се дадени три настани во врска со односот кон обуките за оспособување на стручниот кадар за квалитетнa контролора на техничката состојба на возилата кај нас.

1. Големиот наплив на користени возила од западните земји беше следен со наглиот број на новоотворени станици за технички преглед (СТП) во нашата земја. Доколку се има капитал, за кратко време може да се изгради и опреми СТП, но едукацијата на персоналот е процес што бара повеќе време. Тогашниот министер за сообраќај и врски Боби Спирковски предложи да се подготви правилник за технички преглед на возилата. Правилникот е направен според германскиот правилник за ТП, а врз основа на него и прирачникот „Системи за кочење на моторните возила – конструктивни решенија и контрола“ – во издание на АМСМ 2000 год. Контролорите на АМСМ и АСУЦ се обучија, но доколку се применуваа сите потребни контроли, речиси половина од увезените камиони и автобуси не ќе можеа да ја поминат контролата на исправноста. Сојузот на возачи на РМ (МВР) не ја прифати едукацијата на нивните контролори. Популизмот надвладеа, министерот во меѓувреме е сменет, а со тоа неговата иницијатива падна во вода. Состојбата за квалитетот на техничките прегледи до денес остана речиси непроменета.

2. Под притисокот на еколошките здруженија и јавноста во западните земји, наместо класичните „механички системи“, производителите во возилата вградуваа современи, т.н. „мехатронски системи“ – синергија на механика, електрика, електроника и компјутерска техника. Современата техника беше следена и со соодветна едукација. Во рамките на Проектот за унапредување на стручното образование во техничките занимања, Германското друштво за техничка соработка отвори канцеларија во Скопје. Работна група од факултетите, техничките училишта и инженерите од автосервисите ги преведоа соодветните наставни програми од ЕУ.

Според тие програми е напишана книгата „Автомобилски котори“ (системи, компоненти, дијагностика и одржување) издадена од „Студентски збор“ – 2004 год. Друштвото ја промовираше книгата на Машинскиот факултет во Скопје, по што следуваше обука на 18 наставници од девет машински училишта од Македонија. Овие наставници имаа задача да ги промовираат мехатронските системи во нивните училишта. Со тоа заврши Проектот за унапредување на стручното образование во кој беа вложени големи финансиски средства.

По некое време, Министерството за образование и наука (МОН) објави Програма за издавање учебници за основно и средно образование. Книгата „Автомобилски мотори“ не беше прифатена да биде редовен (бесплатен) учебник за средно стручно образование, бидејќи, според Педагошката служба на МОН, насловот на книгата и содржината не се во согласност со нивната (застарена) програма. МОН го игнорираше постоењето на современата стручна литература за унапредување на стручното образование. Според нивните критериуми, книгата доби согласност да се користи како стручна литература, а тоа значи – ученикот што сака да ја користи ќе мора да ја купи.
Бирократијата во МОН не дозволи да се реализира целта на Проектот за унапредување на стручното образование во средните училишта. Книгата е широко прифатена од студентите и стручната јавност – доживеа три изданија.

3. Придонес кон подобрување на едукацијата на контролорите во СТП и на лицата ангажирани во одржувањето на моторните возила, во контекст на климата во општеството создадена со автобуската несреќа кај Ласкарци (17 мртви и 18 тешко повредени) и актуелната кандидатура на нашата земја за членство во ЕУ, во 2020 год., е прирачникот „Моторни возила – техничка контрола на исправноста“. Содржината на прирачникот се темели врз Прилогот 1 на Директивата на ЕУ за техниките прегледи на возилата.

Ракописот на книгата ѝ беше презентиран на претседателката на Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата (РСБСП) со предлог РС да биде издавач. Во земјава има околу 150 СТП. Еден подарен примерок од РС на контролорите (150 стручни книги – мал трошок) ќе беше придонес кон подобрување на нивото на нивната едукација и наедно афирмација за РС. Предлогот од претседателката беше одбиен. Меѓутоа, стручната фела за возила ја препозна потребата од еден таков вид стручна литература – книгата е отпечатена во 2021 година.

Во извештајот (оцена) од Европската комисија (ЕК) во Скопје од 2022 год., проект финансиран од ЕУ со цел зајакнување на имплементацијата на законодавството на ЕУ во областа на моторните возила стои: „Вработените во полицијата го немаат потребното знаење и искуство за квалитетен надзор на техничките прегледи на возилата – надзорот се врши површно и формално. Во МВР нема систем за нивно стручно оспособување и континуирано усовршување“. Се констатира дека во надлежноста на МВР е развивањето програми за специјалистичка обука на контролорите. Меѓутоа, МВР нема компетентни и стручни кадри што би можеле да ја реализираат преземената надлежност – програми нема – обуки не се вршат.

Од погореизнесеното може да се заклучи дека, и покрај постоење стручна литература/прирачници, тие не се користат за стручно оспособување и континуирано усовршување на контролорите и инспекторите на техничките прегледи. Популистичките мерки на владите и бизнис-интересите на поединците овозможија вработување контролори и инспектори без соодветна обученост за ТП.

Денес во земјава има околу 150 станици за техники преглед на возилата. Големиот број станици создадоа нелојална конкуренција помеѓу нив. Новите газди, генерално, поради брзиот поврат на вложениот капитал, ги игнорираат критериумите за квалитетот на техничкиот преглед, со што ги привлекуваат несовесните и неодговорни сопственици на возила. Актуелната состојба ќе продолжи доколку во институциите на раководни позиции не дојдат лица со интегритет, стручни и компетентни.

Квалитетот на техничките прегледи не е внатрешно прашање на земјата поединец. Нашата земја, кандидат за влез во ЕУ, ќе мора во своето законодавство да ги имплементира законите (директивите) на Унијата што се однесуваат на техничките прегледи на возилата. Возилата од земја во која не се почитува воведувањето на Директивата на ЕУ се возила што потенцијално ги загрозуваат и безбедноста на сообраќајот и животната средина и во ЕУ.

Постојниот проблем со обуките за оспособување на стручниот кадар за квалитетна контрола на техничката состојба на возилата може да се надмине со исполнување на минималните барања во врска со содржината и препорачаните методи за испитувања (Прилог 1 од Директивата). За таа цел поседуваме стручна литература/прирачници и компетентни стручни лица во образовните институции и во реалниот сектор. Потребен е т.н. центар за возила – независна стручна организација, што во согласност со Директивата на ЕУ ќе се занимава со прашањата на техничките прегледи на возилата.

(Авторот е редовен професор во пензија во Институтот за моторни возила на Машинскиот факултет во Скопје)