Што ако човекот може да ги елиминира сите негативни емоции што водат до погрешни одлуки, постапки, дејства или социјално однесување? Ако може да ги надмине стравот, бесот, агресијата, гневот, лутењето…? Како го замислуваме тој човек? Како некој што е постојано под дејство на Хакслиевата „сома“, што му го регулира хормоналниот статус и му предизвикува со тоа ендокринолошки состојба на среќа и задоволство, или го замислуваме како современо македонско општество во кое „дијазепам“ е еден од најпродаваните производи во аптеките, кој кај многумина предизвикува зависност, за среќа или несреќа, незаведена под номенклатура на зависности, за да се лекувате од зависност од лекување? Научната фантастика го централизира прашањето за сценарио во кое човечката желба ќе постигне максимален мир со тоа што ќе ги елиминира човечките импулси и лоши емоции што го создаваат конфликтот. Сепак, општество во кое владеат целосна стабилност, мир и инхерентна човечка среќа и радост сепак е дистописко сценарио.
Фројд смета дека агресивноста е вроден човечки нагон. Секој човек се раѓа со доза агресија, која подоцна ја преведува на ниво на семантика на набој, кој како неканализиран и потиснат од механизмите на суперегото станува чиста сублимација, која ја гледаме на ниво на генијални слики, книги, поеми и други форми на уметничко творештво. Агресивноста, според Фројд, не само што не е причина за конфликт туку тензијата е основна причина за „раѓање на уметничкото творештво“ преку сублимацијата. Доколку му се верува на Фројд, како на еден од ретките научници и мислители што може да се пофалат и со клиничка пракса, агресивноста е вродена, а прашањето што се поттикнува е дали воопшто треба да го бришеме тоа што е вродено и што настанува доколку се прави онтолошка корекција и инженеринг на човечкото битие? Замислете лабораторија од иднината во која влегувате и барате мени на кое ви се испишани услуги, од можност да избришете наследен ген за темна боја на косата и да вградите друг, до можност да изберете „аристократски манири“, кои целосно ја исклучуваат агресивноста, можноста да почувствувате бес и гнев.
Впрочем, централното прашање тука е дали општество во кое секој може да избере стабилност и мир, како универзални вредности што ќе ги избере максимален број на луѓе, ќе создаде на индивидуално рамниште конформист, а непослушните по принцип на исклучување на малцинството целосно ќе ги сузбие на ниво на општествена акција? Во својот „Есеј за непослушноста“, Ерих Фром тврди дека токму во чинот на „непослушноста“ се раѓа слободата. Слободата создава можност за промена, напредок и за револуција. Услов да постои слобода на ниво на поединечно човечко постоење, или промена (воедно и прогрес) на човечката заедница на антропогенетско рамниште, е токму чинот на непослушноста. Прост збир на послушници никогаш нема да направи ништо што ќе поттикне промена. Оттука стабилноста не нужно ќе се разбере како посветена работа на одржување на редот и поредокот, туку како обична човечка апатија што нема капацитет да мотивира дејство.
Зошто ни се потребни гневот, бесот, стравот…? Затоа што свет без гнев, не секогаш по принцип на дедуктивно заклучување ќе создаде свет без конфликт, на тој свет без непослушни поединци може да се гледа и како на свет во кој никого ништо не го вознемирува, вклучително и неправдата, лагата и заблудата? Во тој случај, мирот не значи негативен мир, како отсуство на конфликт, туку затаен проблем во кој одземената способност за човечки бунт и акт на непослушност значи целосно одземена слобода, човекот да ја осмислува правдата преку неговата борба против неправдата, да ја бара вистината, кога таа е поразена од лагата и да ја симне маската на предрасудите кога таа значи лицемерен однос кон ближниот завиткан во свилени ракавици при поздравот за „сочувство“.
































