Со неколку литературни манифестации се одбележуваат 95 години од раѓањето на Анте Поповски, еден од најголемите поети што ги имала Македонија. За Анте и за неговата поезија се напишани томови во кои се велича неговиот опус. Со делото има заслужено неизбришливо угледно место во историјата на македонската литература. Но неговото име и презиме не ќе смее да се прескокнат и тогаш кога ќе се пишува, ако некогаш воопшто се пишува, историјата на македонското современо новинарство. И таму ќе биде високо, високо рангиран.
Анте Поповски, иако доктор – лекар по образование, вршел други професионални, политички и општествени функции. Една од нив е директорувањето со НИП „Нова Македонија“. Директорското место беше функција. Текстовите што извесен период ги пишуваше беа современа новинарска литература. Со него се создаваа почетоците на новиот новинарски израз. Пригода е да се навратиме на тие спомени и по овој меморијален повод.
Анте Поповски беше директор на НИП „Нова Македонија“ од 26 јуни 1970 до 9 ноември 1973 година. Релативно кратко, но доволно долго да реализира свежи концепциски идеи, неколку технолошки обновувања на печатарскиот парк и прием на нови млади новинарски кадри. Не треба да се заборави неговиот придонес во отворање нови забавни изданија, пионери во информативниот простор, издавани на македонски јазик. Издавањето на „Екран“, „Починка“, „Балканот денес“ беше негова иницијатива.
Анте првпат го видов на почетокот на 1971 година. Пред тоа само на слика во весникот или на тогаш скромната телевизија Скопје. Како поетски ентузијаст ги имав читано неговите книги. Бев еден од големата група, дваесетина на број, кои на 15 февруари 1971 го почнаа својот приправнички стаж. Последна генерација новинари на „Нова Македонија“ примена со завршено средно училиште. Директорот Анте овозможуваше неверојатни услови за оној што сака да го заврши факултетот. Бев четврта година, со останати шест испити до дипломирање. Ми даде одобрение за платено отсуство од четири месеци. Дипломирав за два и пол. Кога се вработив, весникот чинеше еден денар. Две јајца за еден весник, тоа беше паритетот, сооднос блиску до денешниот.
Нам, на младите приправници, директорот Анте ни беше своевидна икона. Неговиот кабинет во старата зграда, наследен уште од времето на Лазар Мојсов, целиот во оревова резба, од масата до столовите, беше со аура на свето место. Таму, во таа мистична атмосфера, Анте ја напиша книгата „Камена“, а ја подготвуваше и „Тајнопис“.
Пишуваше песни, но не ја забораваше одговорната дејност. Анте како директор инсистираше на постепено ослободување на весникот од присутните политички стеги, напуштање на административното информирање, модернизирање во пристапот и стилот на новинарските текстови, обезбедување поголема слобода на мислата и говорот. Помалку апологетика, повеќе конструктивна, но и одговорна критика. Елиминирање на таканаречената „ресавска школа“, поточно голото препишување на партиските документи. Додавање малку стилски „фил“. Неговото генерално гесло беше – не бесмислено фалење на системот и комунизмот (социјализмот), туку критичко посматрање на секој детаљ од развојот и по ризична цена од реагирањето од политичките фактори пречувствителни и на најмала критика.
Општо гледано, нему му беа исклучително блиски националните, македонски теми, како во тогашна Југославија така и во рамките на балканските држави. Тие текстови ги форсираше на своевиден начин. Покажуваше голема заинтересираност за историските настани и личности дури и во најдалечната историја, за македонизмот (што провејува низ целата негова поезија), за самобитноста на македонскиот народ и јазик, за последиците од поделбата на Македонија по Балканските војни, за самостојноста на Македонската православна црква. Таквите теми беа обработувани преку редица текстови и коментари, а особено во специјално пишувани фељтони. Најверојатно таа и таквата ориентација на весникот придонела да почне да се шепоти дека Анте е предводникот на скриениот македонски национализам, тогаш оценуван како општествена опасност.
Ако се тргнат настрана другите зафати, како еден од поголемите придонеси за новинарството воопшто и за весникот посебно, може да се оценат неговите десетици објавени коментари. Излегуваа во недела, ударниот ден на весникот, на првата страница, десно, на два „ступца“, одгоре додолу. Со нив, и по стилот на пишување и по техничко- графичкиот пласман, Анте Поповски може да биде слободно означен како родоначелник на новиот род во македонското новинарство – колумните, како првиот македонски колумнист.
Зафаќаше теми од политичкиот, општествениот и секојдневниот живот. Едно остро, рафинирано, стилски убедливо перо. Сурово во фактите, живописно во објаснувањата. Со чиста и силна мисла, со сочен јазик, со понеобичен стил од дневните коментари на другите новинари. Текстовите беа навистина „директорски“ и докторски. Неговите коментари предизвикуваа неподелено политичко и читателско внимание, никого не оставаа рамнодушен, читателите ги чекаа со нетрпение. Со колумните на Анте весникот го креваше својот неделен тираж најмалку за третина.
Но Антевата судбина е пример како може една успешна работа, еден искрен потфат, едни добри намери, да се претворат во чиста спротивност. Имено, Анте Поповски беше во првите редови на тогашната политичка номенклатура, кадар што допрва требаше да го даде својот придонес во развојот на Република Македонија, со планови да биде насочен и кон највисоки функции на југословенско ниво.
Но дојде до сериозен пресврт во политичката сфера и атмосфера, во кадровските распореди и во професионалните и човечките судбини на многу луѓе. Тоа се настаните познати како „пресметка со либерализмот“. Во тој виор, во таа политичка бура се најде и Анте, и како политичар и како поет и како слободоумен човек и како директор на најважната информативна куќа во државата. Поврзувајќи и ползувајќи ги тие настани во комбинација, текстовите (колумните) објавени од него во „Нова Македонија“ станаа цел за политички отстрел, кој се реализира во ноември 1973 година. Морално-политичко обвинение без сериозни докази – македонски национализам.
































