Направи повторно глупост и ќе те затворам долу во Уставот

„Том!“
Нема одговор. Тетка Поли, жената одговорна за цветната градина во Белата куќа, нервозно се шутка низ дворот, барајќи го својот немирен внук. Том Соер повторно крадел од посадените пејоти. Го наоѓа испружен во тревата, близу портирницата на Том, која Том Соер ја нарекува колибата на чичко Том. Зошто, по ѓаволите, половина персонал во Белата куќа се вика Том? Така размислува тетка Поли додека му се приближува на својот внук.
„Том, безобразнику, пак си ми украл од пејотите“.
„Викај ме Ишмаил!“, мирно враќа опуштеното момче.
„Ишмаил? Не само што ги крадеш туку и ги јадеш пејотите. Ете, пак халуцинираш, мал бесрамнику“.
„Не халуцинирам. Моментално сум во колумна на оној дебел албино Моби Дик. И многу сум загрижен. Не само јас. И портирот, чичко Том е загрижен. И мачорот Том, од загриженост, престана да размислува за Џери. Загрижен е и директорот на ЦИА, Том Рипли, кој сабајлево имаше доста загрижувачки тежок доручек со нашиот загрижен претседател, Том Такер. И директорот на НАСА, Том Парис, е загрижен. И тројцата советници на претседателот Такер, старите мудреци Том Хенсон, Том Магнум и Том Вејн, се загрижени. Понекогаш се прашувам, тетка Поли, зошто по ѓаволите, половина персонал на Белата куќа се вика Том, но тоа сега не е важно. Сите сме загрижени. Нордистан не сака да спроведе уставни промени. Не сака да ги внесе Бугарите во Устав. Патем, Бугарите се галактичка цивилизација. Јода, Муад Диб, Спок, Навите од Пандора се прабугари, кои први ја колонизирале вселената. Ама Нордистан, инаку протекторат на Соединетите Северноамерикански Држави, сега одбива да ги внесе во устав. Таква вест ни испрати, нашата амбасадорка, Ангела Бехтелиенка и сега, сите во Белата куќа сме загрижени“.
„Том Соер, што зборуваш? Сакаш да кажеш дека мојата пријателка Ангела веќе не се презива Агелер, туку Бехтелиенка? Сакаш да ми кажеш дека се омажила за фирма?“
„Секоја жена има право да се чувствува како бизнисмен и да се омажи за фирма, ова се модерни времиња, иако зборот бизнисмен е фемицит, ама да не ти објаснувам сега бидејќи…“

Нагло ја затворив книгата што ја читам. Ремек-дело на модерната северноамериканска кансел-култура. Престанав со читање, оти нешто чудно се случи. За момент, надвор денот, ми се виде ноќ. Отворам прозорец. Небото е темносино како од слика на Ван Гог. Улицата под мојата тераса наликува на филмски сет кај Пол Верховен. Комшиката брза накај дома, права Силвија Кристл, би сакал да имам нешто со неа, ама кога ја среќавам толку ме мава трема што ми се тресат нозе како да сум одбранбен играч кон кого трчаат Кројф, Гулит, Рајкард, Робен и браќата Ван Бастен, Ван Нистелрој и Ван Перси. Затворам прозор и пуштам телевизија. На екранот некој тип избеган од слика на Хиеронимус Бош, нешто обесува околу тоа како некои таму, ја прикажувале премногу црно Европската Унија, па затоа народот се палел на Путин. Звучи како човек кому водата му е постојано над глава. Патем, народот ли е виновен што молерите на кои им фрлаат милиони се неспособни црнилата на ЕУ да ги искречат во блескаво розово? Па уште Путин… секогаш кога ги фаќа налудничава хистерија зашто не им оди подмачкано некоја фашизоидна идеја, веднаш го ставаат Путин на менито како неопходна руска салата за секоја новогодишна вечера.
Повторно погледнав низ прозор. Врне. Го мирисам воздухот. Чудно, не мириса на ајвар. Јуни е, рана есен, ама еве кај е август, зимата само што не пристигнала. Треба ли да се спреми зимница? Да се стават ајвар, кисела зелка, туршија во Уставот. Тоа си е наша традиција. Го полниш Уставот со секакви потрепштини, па кога ептен ќе застуди, жена ти вели, симни се долу во Уставот, донеси зелка, да правам сарма, празник е утре.
За нордистанците, Уставот е храм, кујна, елдорадо, Александриска библиотека и депонија истовремено. Сенешто пикаат „долу во Уставот“. Зимница, алат, износена гардероба, неиздадени учебници од минатата година, лоши сеќавања, добри спомени, сето она што не треба, ама еден ден може ќе затреба.
„Сине, облечи долна маица, ќе настинеш!“
„Мамо, никој веќе не носи бугарки… ќе ги фрлам“.
„Да не си помислил. Како прво, бугарки во моментов се моден крик во ЕУ, а како второ, ако ти не ги носиш, може утре твоите деца ќе ги сакаат. Затоа, носи ги долу во Уставот и стави ги над полицата со западни вредности“.

Кога ќе направев некое срање како дете, врескаа по мене, „Сакаш да те затвориме долу во Уставот?“. Уф, колку само хорор-приказни сме си раскажувале во детството за тоа што сè страшно има „долу во Уставот“. И денес се случуваат страшни приказни таму. Ноќно време често знаат да се напикаат разни џанаци, па наоѓаме гадости како крвави шприцови, лажичиња, фолии. „Опаа, пак сме имале уставни промени“, велиме шеретски.
Сите имаме по еден, само Данка Нордистанка од први има два устава. Некогаш ја викаме Власта, некогаш го викаме Влада, зависно од тоа во каков џендер ќе се разбуди. Кога е во фаза џендер неутрал, си ја викаме Данка Нордистанка. Низ комшилук се зборува дека често носи амбасадори, „долу во Уставот“. Амбасадори ги викаме нејзините муштерии, оти најчесто за нас се странци, не се од наше маало. Наутро собираме истрошени презервативи како трофеи од нејзината национална стратегија. Еден ден ќе треба да се договориме ние од зградата и да спроведеме темелна дезинфекција на Уставот од сите гадости што ни ги оставиле џанаци и амбасадори.
Пред да затворам прозор, фрлам поглед на улицата. Ене ја Анѓа, рамо до рамо со Таче и Али, тргнале во предизборна кампања, значи се спремаат избори за месна заедница. Анѓа е северноамериканка, мајстор за борба со замислени противници како криминал, корупција и руски влијанија. За Таче велат дека оставил „мадиња“ на Харвард во Црна Гора каде што докторирал на темата „Нордистан или како од Чешка и Словачка да составиш Југославија“. Али е „баба“ на четириесет разбојници, инаку врвни уметници што свират на разбој. Против ваква моќна коалиција, тешко некој да се бори и да освои месна заедница. Мене ми е нејасно зошто некои се чудат на коалицијава, па уште шокирани, кога ваму, истава со години функционира. Само ме нервира фактот дека тројцава, рамо до рамо, ми стојат под прозор и ме зјапаат додека ги зјапам. Веројатно намирисаа руско влијание. Изгледа знаат дека кога пишувам за нив, во срцево ми седат Гогољ, Хармс и Булгаков.