Кој ѓавол му влезе на овој народ?

Денес, 31 година од денот на прогласување на независноста, нормален човек, сведок на тие историски настани, со право ќе се запраша кој ѓавол му влезе на овој народ. Под овој народ се мисли на македонскиот народ, кој тогаш сѐ уште битисуваше под името Република Македонија, а сега се држи за чергата што го носи официјалното име Република Северна Македонија. Тогаш со прерогативот социјалистичка, сега капиталистичка. Ѓаволот ни ора ни копа, неговата најголема задача е да ја нарушува, затемнува и ослабува свеста, да му го паѓа духот на човека и да го турка назад кон неопределеното, кон злото и разурнувањето. И да внесува неслога, зашто неслогата ја прави слабоста.
Речиси од ноќта на 8 септември, кога на бината на тогашниот плоштад „Маршал Тито“ во центарот на Скопје се отвораше црвен, неоригинален шампањ, Македонија и Македонците во неа хронично се во состојба на ментална заробеност, политичка неспособност, економска неизвесност и духовна залутаност. Живеат во меѓите на долг меѓупартиски внатрешен судир, со лидери што си пуштаат крв меѓу себе. Три децении минува низ кризи од секаков вид, со постојан ненамален интензитет на фингирање меѓунационален конфликт, со јавни закани за граѓанска војна, која еднаш се случи, па брзо се забошоти зошто се случи.
По триесет години независност, остана без своето име, блиска и сериозна е заканата дека ќе остане и без својата историја, можеби и без сопствениот јазик и писмо. На сите нејзини славни личности им следува обезличување, што ќе биде операција спроведувана однадвор. Операција без анестезија. Сѐ дојде дотаму што самата држава си го брише името Македонија како самостојна и независна именка. На политичарите од високите ешалони на власта како да им е и срам и страв да го спомнат тоа име пред своите евроатлантски партнери. Впикани во котелот, во кој едновремено вријат убави ветувања, политички закани, своевидни уцени, даваат рака за да спасат глава.
На меѓународните турнири во бриселските канцеларии, каде што се реди балканската и европска стратегиска шаховска табла, Македонија игра цело време жртвувајќи кралица за пешак. Затоа денес е во мат-позиција, ни ваму, ни таму. Преку Брисел и со Спогодбата со Грција и Договорот со Бугарија, Македонците сами се откажаа од името на народот и од неговите национални амблеми и институции. Во меѓувреме ги изгубија речиси сите преостанати институционални лостови и ресурси што може да служат за зачувување на националната самобитност и гордост. Кренаа високо раце без да знаат зошто.

Иако фигурите формално се движат, суштински стојат во место. Веќе не се знае што е вистина, што е лага, што е црно, што е бело. Нештата се преувеличуваат или се минимизираат, вистината никогаш не е цела, понекогаш ниту до половина. Повеќе нешта се пикаат под тепихот, други се кријат во со три клуча заклучени фиоки и сефови. Има и нешто полошо: нешто и се фалсификува за народот да биде среќен и да ѝ аплаудира на власта.
Што ни донесе таа власт за овие триесетина години, гледано од негативен, но реален агол. Од осум претседатели на влади, тројца имаа работа со судови, адвокати, не за политика туку за криминал. Бучковски, Груевски и Заев, секој на свој начин, ги грееја судските магарешки клупи, кој осуден, кој амнестиран, кој во чордаш – егзил. Не беа тие судени за татковината, туку за дела против неа. Нема таков случај по дуњава наша, ни во ЕУ ни во НАТО. Непријатно друштво им се и тројца генерални секретари на нивните влади. Тројца во затвор или домашен притвор, иако делата им се помали, како што им беа помали и функциите. Познати се приказните за големите и малите риби. Не е Македонија земја кај што некое рипче ќе фати крапче и ќе го стави во тавче.
Цели триесет години двете најголеми македонски партии ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ се живиот ѓавол што на Македонија ѝ го нуди пеколот како алтернатива за рајот. Недемократска алтернатива, во најголем број случаи. Делејќи ја еднакво власта, мерено по години на владеење, ниту едните ниту другите не ја однесоа државата во мирни и сигурни води. Напротив. Се дојде до точка кога евентуалниот влез во Европската Унија може да значи залез за македонскиот народ, непризнаен од својот најблизок сосед, братучед или брат.
Не е мерено на кантар, но забележливо е што од година на година слабее, се рони, се троши довербата на граѓаните кон власта. Не само кон власта туку и кон опозицијата. Тоа е причина за загриженост, не за утеха и радост. Нема веќе политички авторитети. Всушност, веќе никаде, во ниту една струка нема авторитетни личности, личности со став, стас, знаење и траење. Земја што нема, што не изградила или заборавила такви авторитети, лични и институционални, е осудена на борба за гол опстанок. Не е тоа земја пиреј.

Денес македонските власти, немајќи со што друго, се гордеат со НАТО, иако НАТО не се гордее со Македонија. Но и таму остана само надежното меко столче, што низ голема борба го изделкаа Радмила Шекеринска и Зоран Заев. Столчето, па столчето, стана нов симбол наместо крушевското црешово топче. Пукна топчето, остана столчето, само на него не седат ни Радмила ни Зоран. Таму кај што се извојува победа со пенкало, денес се фрлаат бомби, се испраќаат тенкови и авиони.
Сите држави што станаа членки на НАТО експресно беа финансиски и воено помогнати, скокнаа веднаш преку три реки. Во најголем дел доживеаја ментален – бум, влегоа во нова духовна ера, пред нив се отворија нови хоризонти на мислата и духот. Само во Македонија, иако се поминати две години, не е почувствуван тој пресвртен момент. Ништо во таа смисла не е сменето – нема ни грам нов оптимизам, има на ангро нов песимизам. Ниту, пак, се дојдени некои долари како помош или награда за промена на името. Во НАТО за сѐ што треба се плаќа со пари, само Македонија името го даде без пари. Прашање е дали НАТО нас нѐ смета за лево сметало или нашите леви сметала не знаат како да го побараат тоа од НАТО.
Денеска е 9 септември 2022. Триесет и една година неспокој.

Да ми речеше некој пред 31 година дека Македонија ќе минува низ крајно непознати лавиринти, немаше да верувам. Да ми кажуваше некој дека во 21 век ќе се расправаме со други држави за јазикот и писмото, ќе го сметав за политички неписмен. Да ми кажуваше некој дека на власт ќе идат полуписмени, недокажани, неискусни партиски лидери, ќе мислев дека се шегува. Да ми зборуваше некој дека во власта, во медиумите, во општеството во целина, ќе се појават многубројни и многубројни анационални типови на кои патриотизмот, љубовта и одбраната на сопствената земја ќе им бидат врбово свирче со седум дупки. Да ми кажуваше некој дека ќе дојде време кога ќе биде погазен АСНОМ и дека антимакедонецот Ванчо Михајлов ќе биде официјално одобруван и наметнуван како јунак на идното македонско време, ќе мислев дека ме провоцира и ми се заканува.
Да ми кажуваше некој дека ќе пишувам вакви текстови, ќе го сметав за душман. Затоа, со мала доза на чувство на лична вина, се прашувам кој ѓавол ни влезе, кој ѓавол нѐ носи по патеките на сопствената пропаст.

[email protected]