Кај лицемерите обично така бидува

Макрон рече дека сака да ги малтретира невакцинираните.
Така треба. Едвај чекам да почне Ролан Гарос и да го стави Ѓоковиќ на гилотина, зашто во Франција законот важи за сите и нема просрпски вмровски судии како во Австралија.
И ти изгледа немаш парно, па од студ халуцинираш.
Парно немам затоа што Русите го запреа гасот во гасоводот што СДСМ го изгради, но Данела намерно го исклучи оти се пали на Ноле, кој заразува дечиња, за потоа да ги лекува и да глуми хуманитарец, а сите знаеме дека е човек на Путин, ама НАТО ќе ја згази Русија.
И Нордистан ќе војува со Русија. Така велат нордистанските власти. Како моќна НАТО-членка биле подготвени да се топорат на фронт ако затреба. Па и оној Столтенберг соопшти дека НАТО е подготвено да се тепа со Русија на европска територија. Чудна изјава. Не вели на руска почва или американска територија, туку среде Европа. Тоа го планираат гадовите. Ќе ја палат повторно Европа, оти друго и не знаат освен да уништуваат. А зошто па мора цела Европа? Еве нека се тепаат во Норвешка. Не мора ни цела Норвешка. Може да си ги пробаат силите во дворот на Столтенберг. Низ неговата куќа. Оти тој е подготвен за крвопролевање од катаклизмични размери. Е па, ние преостанатите не сме баш подготвени за нивните психотични срања. Добро, нордистанците се подготвени ако затребало. Си ги замислувам додека маршираат низ руски тајги среде зима. Можеби фактот дека немаме парно е дел од воената обука.

Ја замислувам Славјанка, античка нордистанка, ја предводи армијата против славјанска Русија. Зоќи и Петре како врвни познавачи на руската книжевност, уфрлени се меѓу преплашените руски војници. Зоќи им дила трева, зашто Петре ја џапнал вотката. И Бујар е на фронт, иако нежен за такви студови. Затоа на глава му пресадиле шубара. Бучко јури напред во тенк склопен од негови делови. Венко прави селфија со прогресивни светски новинарки, кои известуваат за успесите на нордистанските сили. Тука е и Али. Испраќа коминикеа до испаничените Руси. Во нив пишува дека Сибир е древна албанска територија. Гаши пее руска химна наопаку и комплетно ги буни Русите. Сфаќаат дека химната им е лондонска временска прогноза, во која се најавени врнежи до крајот на светот. Кастриот е лево сметало, ама регрутиран е, зашто срцето му спие во Брисел и Вашингтон.
Како познати натољупци, присутни се и вмровците. И бугарските и античките и модерниве вмровци. Распоредени се во формација вмровски тројки. Тука само преправени во кочии… руски тројки. Љубчо е двоен агент. На Русите им се преставува како човек на Санстефанска Бугарија. За нордистанците работи како врвен оперативец на евроатлантска Софија. Грујо подметнува унгарски гулаш во рускиот боршч. Русите ги фаќа стомак, гласно прдат, па нордистанските радари им ги откриваат позициите. Мицко маршира од десно кон центарот на Источниот фронт.
Како маскирна јаготка на воениот шлаг улетува и Таче Харвардски. Додуша не лично. Нордистанците прават џиновска дрвена кукла, која го претставува тројански Таче како руска бабушка. И Русите ја отвораат. Во секоја кукла има помала. Додека не стигнат до најмалата. Веќе се преморени, а кукличкава им пее приспивна песна за да заспијат. Норидистанците прават јуриш по кој руските соништа стануваат кошмарна приказна.

И како Русите да не бидат избезумени од страв? Котузов во паника сака да се самозапали. Жуков го моли Бога, Берлин да му падне на глава. Дури и Шојгу се затворил во својата дача и зјапа во телевизор. Ги гледа филмовите „Војна и мир“ и „Сталинград“, па гласно ги пцуе Бондарчукови, таткото и синот, зашто нешто измешале во режијата, оти еве ја нордистанската армија, само што не замарширала низ Москва и Санкт Петербург.
Филмови… Не ги гледа само Шојгу. И нордистанците гледаат, ама тие се врвни критичари. Оти во Нордистан се раѓаш како врвен политички аналитичар, ракометен стручњак, економски експерт, евровизиски гуру и филмски критичар. Деновиве сите нордистанци ги пишуваат своите стручни анализи за српскиот филм „Тома“. Па, не е тоа „Андреј Рубљов“ или „Амадеус“ за да се премолчи. А таму каде што има врвни филмски критичари, има спротивставености. Нордистанската филмска јавност се подели. Едни сметаат дека „Тома“ е ремек-дело, за кое „Граѓанинот Кејн“ е палп фикшн. Спротивставената струја смета дека „Јонче“ би бил многу подобар филм од „Тома“. Јас како неверни Тома, кој нема намера да го гледа филмот, веднаш добив прогресивна идеја. Забранета љубов меѓу Тома и Јонче. Ама се премислив. Што има да се занимавам со балкански теми, кога прогресивните идеи се светска работа? Затоа веднаш смислив друга приказна.
Браќата Грим се геј пар. Едниот е црнец, другиот жена. Уф, каков прогресивен зен. Само кој да го режира? Можеби браќата Вачовски. Авторите на „Матрикс“. Во меѓувреме сменија пол и станаа сестрите Вачовски. Никако тие. Го гледав последниот „Матрикс“. Лари, сега Лана, сама го режираше. Ужасен филм. Лана цело време везе за тоа што направил Лари со првите три дела. Во еден миг помислив дека треба да батали филм и стварно да започне со везење. Мир, феминистки, без хистерија! Не мислам да везе гоблени. Нека везе есеи за првите три дела. Глупо е да ни ги прераскажува во четвртиот.

Ама па што им фали на гоблените? Сите сме ги имале по дома. Сега имаме и луѓе гоблени. Ги везе моќна пропаганда. Ги дупчат со игли. Некои од нив ги мразат оние што не сакаат да бидат гоблени, оти антигобленистите не веруваат дека дупчени ќе живеат подолго.
Емануел Макрон одлучи да го поддржи везењето човечки гоблени. Можеби неговата сопруга ги везела пред да го смени полот. Ману го мава носталгија, па им се закани на антигобленистите дека постојано ќе ги малтретира. Крајно идиотски, оти и тие веднаш му се заканија дека ќе го малтретираат, а еве кај се изборите.
За разлика од владетелот на Франција, господарот на тенисот Новак Ѓоковиќ одбива да стане гоблен. Тоа ги налути австралиските власти, па решија да го третираат како Абориџин и да го истребат… од турнирот. Тука веднаш се јавија нордистанските експерти за сенешто, кои, патем, се и легалисти. Му рекоа на Новак фак оф, законите во Австралија важат за сите. Е, ама Новак ги даде австралиските власти на суд, кој пак се занимава со законот. И судот пресуди во негова корист. Сега треба да видиме дали законот важи за австралиските власти. Тие толку многу забегаа и се избламираа, што нема да чуди ако го погазат законот и го протераат тенискиот гениј, оти такво е лицето на изопачената хистерија. Во таков случај, нордистанските легалисти наеднаш ќе почнат да ни тврдат дека политичката одлука е над законот. Оти кај лицемерите обично така бидува.