Мајските енергетски показатели на Државниот завод за статистика (ДЗС) како повод (3)
Пред само триесетина години светската економија зависеше од нафтата. Пред дваесет години најголемата геополитичка тема беше природниот гас. Денес светот веќе живее во нова енергетска ера. Ерата на електричната енергија. Ниту една технолошка револуција во историјата не започнала без нов извор на енергија. Парната машина го создаде јагленот како двигател на индустријата. Моторите со внатрешно согорување ја претворија нафтата во најмоќна светска суровина. Дигиталната револуција ја претвора електричната енергија во ресурс без кој нема современа цивилизација. Во следните триесет години нема да победуваат државите што имаат најмногу суровини, туку ќе победуваат оние што ќе располагаат со најмногу сигурна, достапна и домашно произведена електрична енергија.
Вештачката интелигенција ќе троши повеќе струја отколку што денес троши цела индустрија
Најголемата технолошка револуција во историјата има едно име – вештачка интелигенција (ВИ). Но зад секој разговор со дигитален асистент, зад секоја обработена фотографија, секој преведен документ, секоја медицинска анализа и секој автономен систем работат огромни центри за податоци. Тие не трошат литри гориво. Тие трошат електрична енергија. Многу електрична енергија. Според процените на Меѓународната агенција за енергија (ИЕА), потрошувачката на електрична енергија од центрите за податоци би можела повеќекратно да се зголеми во наредните години, поттикната од развојот на генеративната вештачка интелигенција. Истовремено, електричната енергија ќе биде потребна за производство на зелен водород, за електричните возила, за роботизираните фабрики, за автоматизираните пристаништа, за паметните градови и за новите индустрии што денес сè уште ги замислуваме. Прашањето повеќе не е дали ќе ни треба повеќе струја. Прашањето е дали ќе ја произведуваме сами. Во секој случај, аргументацијата на оваа теза е развиена во претходните два дела на овој текст.
Новата индустриска револуција нема да се случува таму каде што има евтина работна сила, туку таму каде што има доволно енергија
Во текот на XX век инвеститорите бараа евтина работна сила. Во XXI век тие бараат евтина и сигурна електрична енергија. Тоа веќе се гледа низ Европа. Големите компании што инвестираат во батерии, чипови, дигитални услуги, центри за податоци и зелени технологии најпрво анализираат дали една држава може да обезбеди стабилно снабдување со електрична енергија. Не случајно северноевропските земји привлекуваат огромни инвестиции во центри за податоци. Не само поради студената клима. Туку затоа што располагаат со стабилни електроенергетски системи, висока сигурност на мрежата и големо домашно производство.
Во иднина инвеститорите нема да прашуваат само колку изнесува данокот. Тие ќе прашуваат колку мегавати можете да (ми) гарантирате.
Македонија има поголем потенцијал отколку што мисли
Во домашната јавност често доминира песимизам. Но, ако се погледне картата без предрасуди, Македонија има сериозни енергетски предности. Има неискористен хидропотенцијал. Има можности за современи когенеративни постројки. Има извонредно добри локации за мали модуларни нуклеарни реактори. Има искуство во управување со комплексен електроенергетски систем. Има инженери. А има и планински превои погодни за ветерни централи. Има повеќе од 270 сончеви дена годишно. Има електропреносна мрежа што ја поврзува со регионот. Она што недостига не се природни ресурси ниту висококвалификувани човечки ресурси. Недостига верба кај јавноста дека може беспрекорно да се спроведе долгорочната национална стратегија што ќе трае подолго од еден политички мандат. Недостига препознавање кај одредени политички групации дека ова е национален интерес. Енергетските системи не се градат за четири години. Тие се градат за педесет. Треба да се постигне и армира еден национален консензус за енергијата. Тоа се теми што не смеат да зависат од изборни циклуси. На Македонија ѝ е потребна силна и динамична операционализација на електроенергетскиот систем до 2050 година. Договор што нема да го менува секоја нова влада, туку ќе го надградува. Р.Н.М.
































