Еден поглед на западната тоталитарна демократија

Како што ти е познато, драг читателу, повеќе пати сум ги спомнувал рускиот писател Зиновјев, долги години советски емигрант во Германија, и неговата дефиниција на западната демократија како тоталитарна. Интересен цивилизациски оксиморон, чиј механизам со чуден склоп сепак добро функционира. Зошто е тоталитарна, пак, таа толку многу фалена од нејзините создатели демократија низ светот како единствено исправна и совршена? Оти има многу примери што го тврдат спротивното. Ние сега со тебе ќе се сосредоточиме на еден непоткупливо осведочен пример што ќе го потврди тоа, а потем ќе преминеме и на друг. Така добро ќе ја илустрираме и тезата на Зиновјев што е и наша. Ние жители на оваа малечка и столчена земја, кои многу добро го имаат искусено на своја почва и кожа западниот демократски тоталитаризам. Примерот што најпрвин ќе го изнесеме е можеби малку „невин“, но доволно убедлив во таа смисла, иако некому ќе му изгледа бајат. Сепак е актуелен. Станува збор за забраната од страна на евроатлантската алијанса на секој вид руски информации, ТВ, електронски и други надвор од границите на Русија на Запад, што значи и кон нас Македонците. Тоа се случи веднаш по избувнувањето на Руско-украинската војна.
Да. Тука, пак, сега, драг читателу, влегуваме во самиот епицентар на најпрокламираната девиза на западната демократија „слободата на говорот“, а што всушност значи и „слобода на мислење и слободен пристап до информации“. Така. Арно ама таа „демократска“ девиза на западниот „демократски“ дух, кој сè уште спие на ловориките на Француската револуција и француското просветителство за кое Макрон не чул, со западниот декрет за забрана на протек на руски информации на Запад целосно згасна. Што се случи? Таа забрана од центрите Вашингтон и Брисел мораше по диктат да ја следат без одложување сите членки на таа цивилизација наследничка речиси по сè на римската, која крши сè што ќе ѝ се спротивстави на патот. Македонија сега како најбеден нејзин вазал прва реагираше со својот познат Павлов рефлекс на полтронизам, карактеристичен за нејзината квислиншка влада. Како? Таа упати повик до кабелските оператори да го блокираат руските ТВ-канали во Македонија, покорувајќи ѝ се кучешки послушно на волјата на нашите западни „партнери и сојузници“. И нашите оператори веднаш реагираа, па експресно го блокираа каналот RТ News (Aр-ти њус) еден од најгледаните информативни канали во светот. Меѓу другото, посебно и во САД. Тоа.

Едноставно, Западот со овој потег за забрана на рускиот информативен етер си пукаше во себе и ја уби којзнае по кој пат демократијата со која толку многу се фали, посебно таа што се однесува на слободата и мислата на говорот, доближувајќи се овој пат до „демократското“ ниво на Северна Кореја. Спротивно на него, пак, како убав парадокс омразената и проскрибирана за тоталитаризам Русија не ги укина западните информативни сервиси со катадневна антируска и антиисточна пропаганда на известување воопшто, туку одговори со свој сервис што е извонреден пример за духот на дијалектиката и борбата на мислења.
Така. Но дијалектиката по сè изгледа целосно го напушта еднодимензионалниот метафизички Запад и заминува на Исток. Ама не на позападениот тоталитарен бугарски исток, чија државна телевизија на варварски начин го игнорира и навредува македонскиот идентитет среде Македонија, но на македонската квислиншка влада и на оператерите не им пречи тоа. Нема ни превод на македонски од источниот македонски дијалект на кој, како што е добро познато, зборуваат Бугарите откако пред десет столетија и кусур од Македонците ги земаат јазикот, писмото и причеста со цивилизациско вино. Отсуството на превод, пак, со амин на нашата (анти)влада секако дека ја тера водата на бугарската воденица за ист народ во две држави, тезата сега и на галскиот петел Макрон како портпарол на таа идеја и на Вашингтон и Брисел.
Мала, но важна дигресија во контекст на темата на оваа колумна. А сега пак се враќаме на средишната линија, која како што гледаме се разгранува во повеќе правци, а сè со истата цел да ги даде на показ разните варијанти и да го заокружи колку-толку просторот на западната тоталитарна демократија на тоталитарните демократи. И да не се лути тука Макрон и изигрува демократ, оти за нас Македонците тој е поблиску до генерал Патен, отколку до Волтер.

Но да се вратиме, драг читателу, конкретно на и за Западот омилената тема на слободата на говорот и мислата. Како, на пример, да се објасни тоа што на западните „слободоумци“ на говорот и мислата, како и на нивните, но и на нашите владини-невладини и медиумски послушници, не им пречеа варварските НАТО-инвазии врз Ирак, Србија, Авганистан и во Сирија, и како не беа згрозени од легализираното одземање на најосновните човекови право, а со тоа и на најосновното човеково достоинство, на пример, на над 100.000 цивили во Авганистан затворани, гонети и мачени во логорите финансирани од „демократскиот“ Запад? Оти Западот и ја рашири на времето фамата дека логорите, мислејќи на Сталин и Сибир, се руски пронајдок. А всушност се англосаксонски. Далеку пред тоа Англосаксонците ги практикуваа нив на Индијанците во Северна Америка и на Абориџините во Австралија. Два прекрасни народа и култури што ги уништија геноцидно. По сето ова, пак, следува прашањето зошто по таквите злосторства не беа, како сега руските, санкционирани англо-американските Си-ен-ен и Би-би-си и други медиуми? Зошто така, како сега руската, не беше забранета англосаксонската мисла и пропагандна лага како солидарност со настраданите народи ништени од „демократската“ гилотина на Западот, која патем со своето крваво сечило го донесе и француското просветителство, воопшто неразбрано од Макрон.
Гилотината што западните „политдемократи“ ја донесоа и во Македонија, па, како Ирод на Јован Крстител, во Преспа на 17 јуни 2018 им ја отсекоа идентитетската глава на Македонците, без со референдумско изјаснување да ги прашаат дали се сложуваат со тоа идентитетско обезглавување или не, подарувајќи им ја беневолентно неа на нивните патолошки обожувани Грци.
Тоа, драг читателу. Веројатно некој од нашите русофоби, кои ги има како цивилизациска мода не само во русофобската власт и влада туку и по разните медиуми и невладини добро платени за тоа, ќе нè обвини за русофилство како смртен цивилизациски грев. И тоа звучи страшно западно и „демократски“. Нека. Тоа е нивна работа. Главно јас и ти не ја шириме западната антируска макартистичка хистерија, која е сега основна храна на западната, а со тоа и на нашата северна „демократија“. Оти тие, ако не си хистеричен на антируска основа, како што е тоа и (не)нашиот премиер и претседател, и особено (анти)македонскиот министер за надворешни работи, мислат дека немаш никакви чувства за Украинците и нивните страдања во војната, без да гледаат, слепи од петици до глава, дека во неа, може помалку, ама и Русите страдаат. Без да сфатат сега, тоа што не го сфаќаат (во оваа ситуација и нормално) и самите Украинци, дека Русија војува со целиот НАТО-Запад, кој, сите знаци говорат во прилог на тоа, како да ја обновува сликата на Третиот сега во Четврти Рајх. Тие сакаат не само да ја паднат Русија на колена, но и да се испотепаат до последен војник двата по род братски народа. Словени.

И еве го на дело оживеаниот проект на Хитлер, „Барбароса“. А во реализацијата на тој проект се почна од идентитетската ликвидација на Македонија од која извира генезата на целиот словенски род. Потоа дојде на ред и православна Србија со НАТО-бомбардирањето 1999 и создавањето на нејзина автентична територија држава-дивоградба. Патем, за посебен експерт за православието, како што знаеме добро ние Македонците, задолжен од Вашингтон е Габриел Ескобар.
Тоа е тоа, драг читателу. Нема што да се чудиме. Демократската западна цивилизација со седиште во Вашингтон и Брисел како легитимна наследничка на Римската етноцентричка империја решила по секоја цена „демократски“ да го тоталитазира светот и на тоа со сите средства што ѝ стојат на располагање деноноќно работи. Работи на раѓањето на Новиот човек за кого копнееја експресионистите и новата среќа на човештвото според кројката, идеалот и замислата на НАТО, Вашингтон и на Брисел. А дали тука се работи за култура или за варварство допрва ќе видиме, иако и сега јасно се наѕираат цврстите контури на обликот на тој цивилизациски проект. А во тој контекст и Гркот Кавафис, кој штедро ја грцизира античка Македонија во својата поезија, рече дека и „варварите се некое решение“. Во песната „Чекајќи ги варварите“. А ние Македонците, драг читателу, тоа решение веќе го видовме на дело во Преспа 2018. Иако и со тоа на македонските маки не им е ставено крaј.