Фото: ЕПА

Јужна Африка во решавачкиот натпревар вчера за пласман меѓу 16-те најдобри репрезентации на СП 2023 ја совлада Италија со 3-2 и го освои второто место во групата Г. Јамајка, пак, ремизира со Бразил без голови и го освои второто место во групата Ф, зад Франција, а пред Бразил. И за Јужна Африка и за Јамајка ова е второ учество на мундијалите

СВЕТСКО ПРВЕНСТВО ЗА ФУДБАЛЕРКИ

По некомплетното трето коло од групната фаза на Светското првенство (СП) за фудбалерки што се игра во Австралија и во Нов Зеланд, познати се 14 репрезентации што се пласираа во осминафиналето, а Јужна Африка и Јамајка првпат ја поминаа групната фаза на мундијалите и ќе играат во елиминациските дуели.
Јужна Африка во решавачкиот натпревар вчера за пласман меѓу 16-те најдобри репрезентации на годинашното Светско првенство ја совлада Италија со 3-2 и го освои второто место во групата Г, зад Шведска, а пред Италија и Аргентина.
Јамајка, пак, ремизира со Бразил без голови и го освои второто место во групата Ф, зад Франција, а пред Бразил и Панама. И за Јужна Африка и за Јамајка ова е второ учество на мундијалите.
Вторпат групната фаза на мундијалите ја поминаа Швајцарија и Шпанија, третпат Холандија, Данска и Нигерија, четврти пат Франција, петти пат Јапонија и Австралија, шести пат Англија, а осми Норвешка и Шведска. Селекцијата на САД, чиј селектор е македонскиот стручњак Влатко Андоновски, на секое од деветте светски првенства досега ја помина групната фаза.
Во трка за уште двете места во осминафиналето на годинашното Светско првенство се репрезентациите на Колумбија, Германија, Мароко и на Јужна Кореја, од групата Х, чии натпревари од третото коло на програмата се денеска.
Во осминафиналето без примен гол се пласираа Швајцарија, Јапонија и Јамајка, а најефикасни се Јапонија со 11 гола (единствена селекција со двоцифрен број голови), Холандија и Шведска постигнаа по девет погодока… Без загубен бод, со по три победи во групната фаза се репрезентациите на Јапонија, Англија и на Шведска, а Колумбија има две победи од два меча (денеска игра во третото коло).
Со елиминацијата на олимпискиот шампион Канада и на Бразил не е поставен нов рекорд на светските првенства, откако Кристин Синклер (Канада) и Марта (Бразил) не постигнаа голови, со што ќе станеа првите што постигнале барем еден гол на шест светски првенства, за мажи или за жени. На по пет мундијали досега мрежите ги тресеа Синклер, Марта и Кристијано Роналдо (Португалија). Н.М.


СП 2023, ОСМИНАФИНАЛЕ

1. Швајцарија – Шпанија сабота
2. Јапонија – Норвешка сабота
3. Холандија – Ј. Африка недела
4. Шведска – САД недела
5. Австралија – Данска понеделник
6. Англија – Нигерија понеделник
7. Франција – Х2 вторник
8. Х1 – Јамајка вторник

ЧЕТВРТ-ФИНАЛЕ
Победник 1 – Победник 3 11.8
Победник 2 – Победник 4 11.8
Победник 5 – Победник 7 12.8
Победник 6 – Победник 8 12.8


ДЕНЕСКА НА ПРОГРАМАТА

ГРУПА Х
Ј. Кореја – Германија 12 ч.
Мароко – Колумбија 12 ч.
ТАБЕЛА
Колумбија 2 2 0 0 4-1 6
Германија 2 1 0 1 7-2 3
Мароко 2 1 0 1 1-6 3
Ј. Кореја 2 0 0 2 0-3 0