Човек во празен костум

Неспособни за елоквентно артикулирање на прашањата, политичариве станаа вистинските креатори на проблемите наместо нивни решавачи. Благодарение на нив, македонското општество станува сѐ поигнорантно, пополаризирано и се чувствува побезнадежно од кога било порано. Не можеме да изградиме подобра, поодржлива иднина со вакви политичари што се импресионираат како недоветни од оние што ни делат совети да затвориме нос и да голтаме сѐ што ќе ни се принесе на политичкиот астал. Очигледно имаат јаки стомаци и ниско ниво на самопочит

Сѐ потешко е да се живее во Македонија. Сѐ потешка е бесперспективноста со која се соочуваме секојдневно. Сѐ потешко, речиси невозможно е нешто да може да ве импресионира со оваа власт. Ниту нејзините „историски“ успеси, ниту промашувањата на опозицијата да ја сруши таквата власт. Особено ми е прекуглава од погрешното карактеризирање на фактите од страна на прекумерни амбициозни млади луѓе што се легитимираат преку партиите како политичари и се обидуваат да ја водат нашата нација. Свесен сум за фактот дека тактиката без содржина што ја користат е стандард во нашата политичка култура, како и за фактот дека интелектуално фригидни политичари тешко може да се откажат од лагата, која никогаш не е доволно голема во Македонија. Можеби и би ја поздравил нивната храброст за учеството во политичкиот процес, да не знам дека легитимитетот не го добиле на избори, туку се шлепале преку партијата. Затоа и ја ставам под прашање нивната политичка мудрост за прашања од државен интерес. Јадни се ако мислат дека некој воопшто ги доживува како компетентни, професионални, предодредени за големи работи, кога сами се дефинираат како празни и безнадежни марионети. Како триумф на празна амбиција за власт.

Јасно е дека нашиве „драги“ политичари секојдневно не уверуваат дека не се во допир со реалноста во „нивната“ земја и дека живеат во поинакво општество од она на кое се повикуваат во своите празни говори и налетот на политички соопштенија што треба да импресионираат. Неспособни за елоквентно артикулирање на прашањата, политичариве станаа вистинските креатори на проблемите наместо нивни решавачи. Благодарение на нив, македонското општество станува сѐ поигнорантно, пополаризирано и се чувствува побезнадежно од кога било порано. Не можеме да изградиме подобра, поодржлива иднина со вакви политичари што се импресионираат како недоветни од оние што ни делат совети да затвориме нос и да голтаме сѐ што ќе ни се принесе на политичкиот астал. Очигледно имаат јаки стомаци и ниско ниво на самопочит.
Веќе напишав дека македонската политика е триумф на празна амбиција за власт. Амбиција без тежина на целта што се сака да се постигне и без вистинска насока. И ништо повеќе. Како онаа на октроираниот премиер, кој беше експлицитен избор на Заев. Без лидерски натпревар сегашниот премиер не може да импресионира никого, па дури ни сопственото партиско членство. Триумф на празнината, овој лик го доживувам како лик во готски роман. Безимен и прогонуван од духот на својот претходник, кој упорно и конзистентно го засенува што и да стори. А не прави ништо зашто не е способен да ја заврши работата за која е поставен. Без личен идентитет, тој повеќе се доживува како парадигма отколку како автономна фигура во политиката. Тој е парадигма на оддалеченоста на членството на „државотворната“ ни партија од остатокот од земјата, што е бездна по шест години на власт; парадигма на тенденцијата на политичката класа кон појавното над суштинското во владеењето; парадигма на заеднички нарцизам и селска ароганција во галоп; парадигма на криминал и корупција, парадигма на политичка параноја со вкус за политичка војна за власт, парадигма на промена кон полошо преку промената на името и обезличувањето на државата. Медиокритетството на овој лик претставен како стабилност е плодна почва за разградување на партијата и државата.

На крајот ќе нѐ остави во урнатини. Можеби овој премиер е сепак надеж за нашата демократија, зашто тој е завршетокот на еден авторитарен и поданички менталитет во политиката, кој се надевам дека ќе падне заедно со него, а можеби не, којзнае.
Сепак да бидам реален. Тоа што толку многу „празни“ политичари се толку бесрамни лажговци не ги отсликува нив, туку нѐ отсликува нас. Кога народот го сака невозможното, само лажговците можат да задоволат. Кога се игнорира реалноста и се ветува повеќе од тоа што може да се испорача крајот е неизбежен. Овој премиер и оваа влада ги имаат сите токсични состојки да го направат тоа. А што друго да очекуваш од луѓе во празни костуми.