Фото: Маја Јаневска-Илиева

Деветтоодделенците и матурантите кои завршија тригодишно и четиригодишно образование ги добија свидетелствата веднаш по завршувањето на учебната година, односно уште во текот на месец јуни

Основците и средношколците на првиот училишен ден на 1 септември конечно ќе им се израдуваат на оценките и целиот успех постигнат лани во училишните клупи.

Учениците цело лето чекаат пред да ги добијат свидетелствата коишто некогаш се доделуваа веднаш по почетокот на летниот распуст.

Свидетелствата во најголем дел се доставени во училиштата, се впишуваат оценките и сите други податоци во овие документи.

Деветтоодделенците и матурантите кои завршија тригодишно и четиригодишно образование ги добија свидетелствата веднаш по завршувањето на учебната година, односно уште во текот на јуни.

Директорите на училиштата веднаш штом ги примаат свидетелствата, ги проследуваат до наставниците кои имаат обврска да ги напишат рачно или пак да ги испечатат со постигнатиот успех.

Светлана Масларевска, директорката на основното училиште „Коле Неделковски“ во Скопје, вели дека на ниво на општина Центар е договорено учениците да ги добијат свидетелствата на првиот училишен ден.

Светлана Масларевска / Фото: Приватна архива

– Свидетелствата ги добивме пред три-четири дена. Наставниците веќе ги подготвуваат, има доволно работа, особено што од оваа година се пополнува и додаток на свидетелство, кој се однесува на воннаставни активности на учениците – посочува Масларевска.

Според неа, на 1 септември учениците имаат два часа, кога и ќе има доволно време да се поделат свидетелствата.

На учениците на првиот училишен ден ќе им бидат доделени и учебниците за престојната учебна година.

Митко Димовски директорот на скопската гимназија „Орце Николов“ потврди дека тече процесот на подготовкиа на свидетелствата, кои учениците ќе треба да ги добијат токму на 1 септември.

Митко Димовски / Фото: Гимназија „Орце Николов“

– Нема потреба учениците да се викаат порано. Свидетелствата ќе ги добијат на првиот училишен ден. Така нема да се создава гужва. Сѐ ќе тече согласно законските процедури за доделување на свидетелства – заклучи тој.

Бирото за развој на образованието (БРО) извести дека доделувањето на свидетелствата ќе се одвива до крајот на учебната година (во август) имајќи ги предвид сите услови во кои се одвивала наставата во време на криза и справување со секојдневни предизвици.

Договорот за набавка на свидетелствата и за основно и за средно образование е склучен на 1 август.

Традиционалното доделување на оценките во јуни, годинава изостана. Исклучок беа свидетелствата за учениците на кои им беа потребни за упис во средно, односно високо образование.