Со исконска љубов и верба во Македонија: Против фашизмот, а за национална и социјална слобода

ДРАГИ АРГИРОВСКИ

Во нашата историја, 11 Октомври – Денот на востанието на македонскиот народ, засекогаш ќе остане мемориран како највисок револуционерен дострел во праведната борба за наша национална и социјална слобода. Сега ова уште повеќе се нагласува поради зголемените бугарски негирања и фалсификати за македонската национална самобитност.

Со акциите на првиот Прилепски партизански одред и излегувањето на двата Кумановски партизански одреда се означи почетокот на организираното востание на македонскиот народ против тогашниот германски, бугарски и италијански фашистички окупатор за ослободување на нашата земја. Денот на востанието на Македонија има мошне големо значење за создавање сопствена држава и за зачувување на македонскиот јазик, култура, традиции и историја битни за нашиот идентитет. Поради тоа, започнувањето на востанието во Прилеп и во Куманово во 1941 година е еден од најсветлите настани во македонската историја и државен празник што бил и треба да остане симбол на поддршката на антифашизмот и патриотизмот за слободна Македонија, за самобитност, рамноправност, соживот и човечност.

Тоа е повод да се потсетиме на вистината потврдена во историските документи за излегувањето на овие народноослободителни партизански одреди и на првите херојски жртви против мрачниот фашизам, за национална и социјална слобода и за создавање сопствена македонска држава. Трите групи на Прилепскиот партизански одред, на 11 октомври 1941 година, извршиле напад на бугарскиот полициски участок, на затворот и на телефонско-телеграфските линии во Прилеп. Следниот ден од Куманово излегле два партизански одреди, Карадачкиот и Козјачкиот. По два дена од излегувањето, Карадачкиот одред со 15 борци бил разбиен кај селото Белановце на Карадак од полицијата и војската на фашистичкиот бугарски непријател, при што загинале седум првоборци: Боро Менков, Перо Георгиевски-Чичо, Киро Бурназовски, Аритон Димковски-Тонко, Магдалена Антова, Бајрам Шабани и Наце Ивановски-Буџони. Другите осуммина партизани биле заробени и однесени во затвори на тогашна фашистичка Бугарија. Пет дена по излегувањето, на 17 октомври 1941 година, кумановскиот Козјачки партизански одред со 23 борци бил нападнат од бугарската војска и полиција кај козјачкото село Малотино, при што загинале Стојан Георгиевски-Тане и Васе Гелев. Обрачот го пробиле неколку борци, меѓу кои Киро Нацев-Фетак и Христијан Тодоровски-Карпош, а 18 биле заробени, малтретирани и однесени во бугарските затвори. Уште при спроведувањето на заробените борци бил убиен Димче Јовчевски-Еребица. Загинатите борци на Карадачкиот и на Козјачкиот партизански одред се првите големи жртви што ги дал македонскиот народ во самиот почеток на оруженото востание против бугарскиот окупатор. Петмина од нив по ослободувањето беа прогласени за народни херои: Христијан Тодоровски – легендарниот Карпош, Боро Менков, Киро Нацев-Фетак, Перо Георгиевски-Чичо и Бајрам Шабани. Покрај нив за народни херои од Куманово се прогласени и Боро Петрушевски-Папучар, Мара Нацева и Трајко Стојковски-Бузо. Тие, како и другите борци учесници во Народноослободителната војна, со исконска љубов и верба се бореа за посакувана слобода за Македонија, при што оставиле видни траги за почит. Токму за тоа укажуваат дел од биографиите на народните херои од Куманово.

– Христијан Тодоровски, роден во Куманово 1921 година, уште како ученик покажал напредни идеи поради што бил отстранет од кумановската гимназија, а во 1941 година станал член на Штабот на Козјачкиот партизански одред. По офанзивата на бугарската полиција успеал да се спаси заминувајќи во Вториот јужноморавски одред. Во јуни 1943 година станал командант на Кумановскиот партизански одред, кој по успешните борби станува баталјон „Јордан Николов-Орце“. На 7 февруари 1944 година бил убиен на 22-годишна возраст во борбата со бугарскиот окупатор во селото Биљача кај Прешево.

– Боро Менков, роден 1919 година во Куманово, како бербер бил раководител на штрајкот на берберските работници во градот во 1936 година и активен член на Комунистичката партија на тогашна Југославија. Бил убиен како командант на Карадачкиот партизански одред на 22-годишна возраст од тогашната бугарска полиција и војска.

– Киро Нацев е роден во 1918 година во Куманово, каде што завршил гимназија. Како член на КПЈ работел на формирање на партизанските единици. Бил политички секретар на Козјачкиот партизански одред, а во оружената борба со силите на окупаторот успеал да се пробие. Потоа како партиски инструктор и работел во Крушево, Прилеп и во Кичево. Во есента 1942 година во борбите кај манастирот Прилепец бил ранет и заробен од бугарската полиција, бил мачен и убиен во касарната во Прилеп на 24-годишна возраст.

– Перо Георгиевски е роден 1918 година во Куманово. Бил шивачки работник, член на КПЈ и секретар на културно-уметничко друштво „Абрашевиќ“. Загинал во борбата со непријателот на 23-годишна возраст како политички комесар на Карадачкиот партизански одред.

– Бајрам Шабани е роден во Липково во 1922 година, работел како земјоделски и градежен работник во Куманово. Загинува на 19 години во борбите со бугарскиот окупатор како член на Карадачкиот партизански одред. Тој е прв партизан Албанец во Македонија загинат во оружена борба со окупаторските сили.

– Боро Петрушевски е роден во 1920 година во Куманово, бил папучарски работник, а како борец на Скопскиот партизански одред во борбите во Качаничка Клисура загинал во 1943 година на 23-годишна возраст.

– Мара Нацева е родена во Куманово 1920, а починала во родниот град во 2013 година. Членка е на КПЈ од 1939 година. Од 1941 година е членка на Покраински комитет на КПЈ за Македонија, а во март 1943 година била избрана за секретарка на Организацискиот комитет на Комунистичката партија на Македонија. Била делегатка на АВНОЈ и на АСНОМ.

– Трајко Стојковски е роден во 1923 година во Куманово, починал во 2005 година во Скопје. Бил борец во НОВ и во многу борби се истакнал како храбар пушкомитралезец.

Во Народноослободителната војна во Македонија имаше голем број жртви, меѓу кои и извонредни личности што дадоа значаен придонес во севкупното учество на македонскиот народ во победата над фашизмот и за остварување на вековниот сон за создавање на македонската држава. Со започнувањето и успешното развивање на Народноослободителната војна во нашата земја против фашизмот во Втората светска војна се создадоа услови за одржување на Првото заседание на Антифашистичкото собрание на народното ослободување на Македонија на Илинден, 2 август 1944 година, во манастирот „Прохор Пчињски“. Тоа е тесно поврзано со Илинденското востание и со Крушевската Република во 1903 година.

Спомените за сето тоа треба да се чуваат и да се негуваат. Македонија е горда на своето историско минато, традиција, идентитет, јазик, култура, но и на својот придонес во Втората светска војна во заедничката борба на сите прогресивни сили против фашизам во Европа и во светот. Всушност, со Првото заседание на АСНОМ од најголемите светски сили беа потврдени формирањето на македонската држава и самобитноста на македонскиот народ и битие со посебен идентитет, јазик и историја. Затоа, Денот на востанието на македонскиот народ и АСНОМ треба достојно да се негуваат и во нашата земја и надвор од неа достојно да ги славиме и празнуваме како светол патоказ за идните генерации. Спомените за 11 Октомври и Илинден нека придонесат и за заедничко надминување на проблемите за остварување поубави денови и подобар и поквалитетен живот на сите жители во нашата мила и вечна Македонија.

(Авторот е новинар, публицист и писател)