Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски изјави дека лажните пораки за наводни сообраќајни прекршоци и казни што ги добиваат граѓаните не се испраќаат од Министерство за внатрешни работи, туку од странски броеви со цел измама.
Во емисијата „Само интервју“ на Канал 5, Тошковски посочи дека граѓаните лесно можат да препознаат дека станува збор за фишинг напади, бидејќи пораките не доаѓаат од македонски броеви.
Тој нагласи дека институциите редовно ги информираат граѓаните кога има вакви обиди за измама и апелираше сомнителните пораки со барања за уплата да не се отвораат и да се игнорираат.
Панче Тошковски истакна и дека државата мора да го следи технолошкиот развој и да ги применува современите дигитални решенија, како што тоа го прават и другите земји.
Според него, критиките од опозицијата во врска со електронските услуги биле неосновани, бидејќи вакви предизвици со фишинг измами постојат во сите држави што користат дигитални системи.
































