РАКОМЕТ
- Со играчите, управата и моето искуство ќе работиме на нови спортски и организациски идеи и планови, напиша Червар на социјалните мрежи
Искусниот хрватски ракометен стратег Лино Червар (75) и официјално е новиот тренер на Еурофарм Пелистер. Тој ќе ги предводи битолчани во следните две години.
– Чест ми е што доаѓам во Еурофарм Пелистер, клуб со голема ракометна традиција и историја. Со играчите, управата и моето искуство ќе работиме на нови спортски и организациски идеи и планови. Пелистер над сѐ – само еден тим, само еден град, само Битола – напиша Червар на социјалните мрежи, по официјализирањето на договорот.
Хрватскиот стратег важи за едно од најголемите тренерски имиња во светот. Во својата богата кариера ги водеше репрезентациите на Италија, Хрватска и на Македонија, а на клупски план работеше во Загреб и Металург. Со хрватската репрезентација се закити со олимписко злато во Атина 2004 и светско злато во Португалија 2003 година, додека во македонскиот ракомет остави траен печат преку успесите со клубот од Автокоманда, Металург, со кој двапати играше во четврт-финалето во Лигата на шампионите (2014 и 2015), четирипати беше шампион на Македонија, трипати го освојуваше домашниот Куп, а беше втор во првата сезона на СЕХА-лигата. Г.И.
































