РАКОМЕТ – БАРАЖ-НАТПРЕВАРИ ЗА ПЛАСМАН НА СП 2027
- Македонија има добар тим, многу играчи од еден клуб, што е огромна предност, оти ќе бидат многу добро координирани. Тие се фаворити во овој двомеч, знаеме дека квалитетот е на нивна страна, вели голманот на Словачка, Жернович, во пресрет на денешниот прв меч во Прешов (19 часот)
Машката ракометна репрезентација на Македонија, предводена од селекторот Кирил Лазаров, денеска во „Татран Арена“ во словачкиот град Прешов (19 часот), ќе го одигра првиот од двата натпревара со Словачка во рамките на квалификациите за пласман на 30. Светско првенство (СП) в година во Германија. Реваншот е закажан в недела (19 часот) во СЦ „Борис Трајковски“ во Скопје. Црвено-жолтите досега играле на девет светски првенства, од тоа седум во низа, како и на девет европски шампионати, осум по ред. Македонија досега била дел од мундијалите во Египет 1999 (18 место), Хрватска 2009 (11), Шпанија 2013 (14), Катар 2015 (9), Франција 2017 (15), Данска/Германија 2019 (15), Египет 2021 (23), Полска/Шведска 2023 (27) и во Хрватска/Данска/Норвешка 2025 (15). Ако Македонија се пласира на СП 2027, ова ќе биде нејзино 10. учество, а осмо во низа, додека Словачка како самостојна држава, досега настапила само на две СП, и тоа во 2009 година, кога била 10-та, и во 2011 година кога се пласирала на 17-то место. На ЕП, пак, играла четири пати, во 2006 (16 место), 2008 (16), 2012 (16) и во 2022 (18), што доволно говори дека Македонија е фаворит во овој бараж-дуел.
Македонските ракометари со Словачка, пак, досега имаат одиграно само два официјални меча и забележаа по една победа и еден пораз. Тоа се случи во квалификациите за ЕП 1996 година, кога Македонија дома победи со два гола разлика, 28-26, но на гости загуби исто така со два гола, 24-26. И гол-разликата е еднаква, Македонија дала и примила вкупно 52 гола (26 во просек по меч).
– Нашата цел е да го продолжиме континуитетот на големите натпреварувања. Треба да бидеме скромни, присебни и да одиграме најдобро што знаеме. Во денешно време не смее да се потцени ниту една репрезентација, сите играат ракомет и напредуваат. Мора да го сфатиме овој двомеч сериозно и да прикажеме добра игра, да извојуваме две победи за да се радуваме на ново СП. Минатиот бараж со Фарски Острови беше многу драматичен по високиот гостински пораз, па сега ќе сакаме помирен реванш. Поради тоа мора да бидеме подготвени и да не го потцениме противникот. Мора да сме на нивото на кое сме досега и да ја продолжиме низата на големи натпреварувања – оптимист е македонското репрезентативно десно крило, Ненад Костески.
Словаците, во чиј состав има девет интернационалци, во овој бараж-дуел за пласман на СП 2027 следната година ќе настапат без долгогодишниот капитен Љубомир Ѓуриш, па голманот Маријан Жернович ќе ја преземе улогата на лидер во репрезентацијата. Нов играч во составот е младиот Јакуб Ставач (20), роден во Прешов, кој игра за Кошице. Тој дебитира во сениорскиот тим, но веќе ја има претставувано Словачка во младинските категории.
– Сигурно ќе биде многу тешко по него, бидејќи Ѓуриш беше капитен на теренот и надвор од него. Во многу погледи, тој беше буквално пример, научив многу од него низ годините, па се надевам дека нешто од него и ќе можам да им пренесам на моите соиграчи. Македонија има добар тим, многу играчи од еден клуб, што е огромна предност, оти ќе бидат многу добро координирани. Тие се фаворити во овој двомеч, знаеме дека квалитетот е на нивна страна. Можеме да играме опуштено, но во исто време одговорно и да покажеме дека сѐ уште напредуваме и дека нашата тимска работа оди во вистинската насока – изјави голманот на Словачка, Жернович, за Ракометната федерација на Словачка.
Вкупно од Европа на Мундијалот в година преку баражот ќе се пласираат 10 репрезентации, а директен пласман обезбедија Германија, Данска, Хрватска, Исланд, Португалија и Шведска. Г.И.
КВАЛИФИКАЦИИ ЗА СП 2027
Чешка – Франција вчера
Швајцарија – Италија вчера
Грција – Холандија вчера
Норвешка – Турција вчера
Австрија – Полска вчера
Словачка – Македонија денеска
БиХ – Фарски Острови денеска
Србија – Унгарија денеска
Црна Гора – Словенија денеска
Шпанија – Израел утре
реваншите се на 16 и 17 мај
































