Фото: ЕПА

По најавеното американско повлекување од Германија, навалица на барања од Полска, Литванија, Летонија, Естонија и од Романија за воено присуство на САД

  • Најмалку пет земји од НАТО на источното крило на Северноатлантската алијанса бараат испраќање американски трупи на нивна територија откако американскиот претседател Доналд Трамп најави дека ќе повлече пет илјади или повеќе војници од Германија, додека САД водат и редовни преговори со Данска за проширување на своето воено присуство на Гренланд
  • Полска, Литванија, Летонија, Естонија и Романија изразија интерес да бидат домаќини на повеќе американски трупи, и преку јавни изјави и преку приватно лобирање. Апелот следуваше откако Трамп го објави повлекувањето трупи од Германија претходно месецов, поради ескалацијата на спорот со Берлин предизвикан од коментарите на канцеларот Фридрих Мерц дека Техеран го понижил Вашингтон со своите преговарачки тактики во војната со Иран. Пентагон сè уште не донесе конечна одлука за тоа кои трупи ќе ги погоди повлекувањето во Германија

Повеќе европски членки на НАТО сѐ погласно апелираат до САД за испраќање американски трупи на нивна територија, со цел да ја засилат безбедноста, при што главно станува збор за земји од источното крило на Северноатлантската алијанса, односно за оние што се најблиску до воените дејствија меѓу Русија и Украина. Меѓу оние што преговараат со Вашингтон за дополнителна воена поддршка е и Данска, што привлекува особено внимание по спорот меѓу двете држави околу Гренланд, настанат поради интересот на американскиот претседател Доналд Трамп за ставање на автономната данска територија под контрола на Америка.
Полска, Литванија, Летонија, Естонија и Романија се залагаат за испорачување нови американски трупи на нивна територија, истакнувајќи ја во прилог на барањето својата поддршка за војната на САД во Иран. Најмалку пет земји од НАТО на источното крило на Северноатлантската алијанса бараат испраќање американски трупи на нивна територија откако американскиот претседател Доналд Трамп најави дека ќе повлече пет илјади или повеќе војници од Германија, пренесува „Политико“.

Петорката од истокот во целост се потчинува на интересите на САД

Овие пет споменати држави изразија интерес да бидат домаќини на повеќе американски трупи, и преку јавни изјави и преку приватно лобирање. Апелот следуваше откако Трамп го објави повлекувањето трупи од Германија, претходно месецов, поради ескалацијата на спорот со Берлин предизвикан од коментарите на канцеларот Фридрих Мерц дека Техеран го понижил Вашингтон со своите преговарачки тактики во војната со Иран. Пентагон сè уште не донесе конечна одлука за тоа кои трупи ќе ги погоди повлекувањето во Германија, според извори на „Политико“. Исто така, не е јасно дали тие трупи ќе се преселат во друга европска земја или ќе бидат вратени дома.
Сојузниците од источното крило на НАТО ги гледаат САД и американските војници на нивна територија како нивен главен безбедносен гарант откако почна војната во Украина. Тоа е една од причините зошто тие беа тивки во нивните критики кон САД во однос на војната во Иран.
Тие исто така сметаат дека во прилог на нивните апели одат и високите издвојувања за одбрана во рамките на НАТО, јавната поддршката за воените напори на САД, како и давањето неограничен пристап на американските трупи до воени бази на нивна територија. Сите пет земји беа домаќини на скромно присуство на американски војници од март, според официјалните владини податоци.
– Цврсто верувам дека е потребно посилно присуство на САД на источното крило. Би го поздравиле постојаното присуство на САД на наша територија. Романија постојано ја демонстрираше својата посветеност на стратешкото партнерство на земјата со САД и се докажа како сигурен партнер – изјави за „Политико“ заменик-министерот за одбрана на Романија, Сорин Молдован.
Тој не е единствениот што упати јавен апел. Минатата недела, и полскиот претседател Карол Навроцки и неговиот литвански колега Гитанас Науседа рекоа дека ќе бидат подготвени да им бидат домаќини на повеќе американски војници на нивна територија. А летонскиот министер за надворешни работи Баиба Браже го повтори истото тоа во понеделникот. Портпарол на естонското министерство за одбрана изјави за „Политико“ дека земјата „високо го цени придонесот на САД и поддржува проширено присуство на САД за да се обезбедат робусно одвраќање и одбрана низ целиот Балтик“.
Јавните апели на лидерите беа дополнети и со маневрирање преку споредни канали откако делегација на најмалку една земја сојузник му се обрати на амбасадорот на САД во НАТО, Метју Витакер, за директно да го изнесе својот случај, според висок дипломат на Алијансата.
Засега се чини дека нивната стратегија функционира, бидејќи претседателот Трамп во саботата им рече на новинарите дека можеби ќе премести американски трупи во Полска. Но зборовите на Трамп сè уште не се преточени во акција. А се смета дека преместувањето на трупите може да се судри и со актуелните политички околности во Владата на САД, која постојано врши притисок врз Европа за преземање поголема одговорност за сопствената безбедност.

Напредуваат преговорите за дополнителни американски воени бази на
Гренланд

САД водат редовни преговори со Данска за проширување на своето воено присуство на Гренланд, според повеќе официјални лица запознаени со дискусиите, а разговорите меѓу двете страни напредуваат во изминатите неколку месеци. Американските официјални лица се стремат да отворат три нови бази на југот од данската територија.
Белата куќа потврди дека администрацијата е вклучена во разговори на високо ниво со Гренланд и Данска, но одби да коментира за деталите од преговорите. Данска претходно изрази подготвеност да разговара за дополнителни американски воени бази на островот, а нејзиното Министерство за надворешни работи потврди дека се водат разговори со САД.
– Во моментов имаме договор за одбрана со Соединетите Американски Држави, каде што веќе е можно да имаме повеќе бази – изјави премиерот на Гренланд, Јенс-Фредерик Нилсен, пред новинарите во Копенхаген, додавајќи дека постојната одбранбена рамка е можна основа за какво било проширување, но дека би можеле да се истражат и други аранжмани.
Американските претставници предложија договор, според кој, трите нови воени бази формално ќе бидат означени како суверена територија на САД, според еден извор запознаен со преговорите. Базите ќе бидат во јужен Гренланд и првенствено ќе се фокусираат на надзор на потенцијални поморски активности од надворешни актери во област на северниот Атлантик меѓу Гренланд, Исланд и Обединетото Кралство.
Двете страни сè уште формално не се согласиле за деталите, па бројот на бази би можел да се промени, велат изворите.
Досегашните разговори се ограничени на мала работна група во Вашингтон, во рамките на која претставниците од двете држави се состанале барем пет пати од средината на јануари. Р.С.