Цените на нафтата денеска пораснаа за повеќе од еден процент, откако американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека Кина планира да купува сурова нафта од Соединетите Американски Држави.
Цената на суровата нафта од типот Брент порасна за 1,17 долари или 1,11 проценти и достигна 106,89 долари за барел.
Американската лесна сурова нафта поскапе за 1,10 долари, односно 1,09 проценти, на 102,27 долари за барел.
Растот на цените дополнително беше поттикнат од загриженоста за можни напади врз бродови и потенцијални заплени во Ормуската Теснина, која претставува една од најважните светски рути за транспорт на нафта.
Цените на нафтата продолжија да растат и покрај информациите од Иран дека во текот на вчерашниот ден околу 30 бродови безбедно поминале низ Ормуската Теснина.
































