Книжевно-музичкиот перформанс „Портрети“, по повод објавувањето на новата книга „Портрети“ од Александар Прокопиев, во издание на издавачката куќа „Прозарт медиа“, се одржа во КИЦ. Настапија Александар Прокопиев (пијано и глас) и Бобан Здравковски Андреевски (гитара и бас). За книгата, Дарин Ангеловски ќе напише: „Во најновата книга ’Портрети‘, Александар Прокопиев воплотува две свои пасии – пасијата за пишување и пасијата за пријателство. Собирајќи парченца сеќавања расфрлени по животниот пат со особено внимание кон деталот, Прокопиев составува прозни целини распоредени во четири групи портрети: Семејни, Од животот + книжевни, Белградски студентски и Меѓу сонот и јавето“.
Приказните во оваа автобиографија на пријателството настануваат преку сликите извлечени со внатрешната камера на сеќавањето, па можеби токму затоа овие Портрети на најдобар начин ја посочуваат ролјата што ја има љубовта во поврзувањето на луѓето преку заемна наклонетост. Меѓу другото, тие прашуваат и нешто многу важно, како што прашува Лаелиј во разговорот со Фаниј и Скаевола во филозофската расправа на Цицерон, За пријателството: „Има ли нешто послатко од тоа, одошто да имаш некого, со кого ќе се осмелиш да зборуваш, како што зборуваш со самиот себе?“
Александар Прокопиев (1953, Скопје) е автор на повеќе од дваесет книги, од кои повеќето се збирки раскази, често преведувани на странски јазици, во кои се поигрува, низ современа, понекогаш (само)иронична диоптрија, со границите меѓу авторот, ликот и читателот.
„Портрети“ е објавена со помош на Министерството за култура и туризам.