Фото: ЕПА

Поранешниот директор на ЦИА и ексминистер за одбрана на САД, Леон Панета, оцени дека Иран преку контролата врз Ормуската Теснина врши силен притисок врз САД и предупреди дека конфликтот може да трае уште неколку месеци.

Панета, кој беше директор на ЦИА од 2009 до 2011 година и министер за одбрана во администрацијата на Барак Обама, изрази песимизам околу можноста актуелниот претседател Доналд Трамп да постигне брзо и одржливо решение за конфликтот.

Според него, војната што првично се очекувало да трае шест до осум недели, веројатно ќе продолжи уште неколку месеци, бидејќи САД сè уште немаат обезбедено траен прекин на огнот ниту договор за клучните прашања.

Леон Панета оцени дека дополнителното бомбардирање нема да донесе суштинска промена во Иран и изрази сомнеж дека воените акции можат да предизвикаат промена на режимот во Иран.

Тој нагласи дека единствено оправдување за евентуално распоредување копнени сили би било спречување на Иран да ја контролира Ормуската Теснина, додавајќи дека за таква операција би биле потребни околу 200.000 војници.

Панета истакна дека повторното отворање на теснецот треба да биде приоритет, додека нуклеарното прашање, според него, може да се решава само преку долготрајни дипломатски преговори.

Тој исто така изрази сомнеж во преговарачкиот тим на Трамп, вклучувајќи ги Стив Виткоф и Џаред Кушнер.

Според Панета, постои ризик САД и Израел повторно да влезат во конфликт со Иран во периодот 2030-2031 година, а актуелната криза веќе негативно влијае врз односите меѓу САД и европските сојузници.