Во Штип в сабота ќе се одржи бизнис-конференцијата „BIZIGNITE 2026“ („Бизигнајт 2026“), посветена на претприемништвото, продажбата, инвестициите, вештачката интелигенција и современите бизнис предизвици. Конференцијата произлегува од подкастот „БИЗКАСТ“, чиј автор и водител е Петар Тодев, а кој преку разговори со претприемачи, менаџери и професионалци отвора теми поврзани со бизнисот, личниот развој и современото работење. „BIZIGNITE 2026“ претставува проширување на оваа идеја во настан во живо, со цел знаењето, искуството и реалните бизнис-приказни да се пренесат директно пред публиката.
Станува збор за еден од позначајните бизнис-настани од ваков тип во Штип во последниот период, што за градот би значел важен чекор кон зајакнување на локалната бизнис-сцена. Настанот има за цел да ги обедини претприемачите, менаџерите, младите професионалци, студентите и сите оние кои сакаат да стекнат практично знаење од луѓе кои активно работат, создаваат и градат бизниси.
Програмата ќе вклучува повеќе говорници од различни области, кои ќе споделат лични искуства, професионални лекции и применливи стратегии, со теми поврзани со продажбата како клучна животна и бизнис-вештина, можностите што ги носи вештачката интелигенција, инвестициите, берзата и криптопазарите.
За Штип, ваков настан би значел создавање простор каде што знаењето, контактите и новите идеи ќе бидат достапни поблиску до младите луѓе и бизнис-заедницата од градот и регионот.
„BIZIGNITE 2026“ има потенцијал да поттикне нови соработки, да ги охрабри локалните претприемачи да размислуваат похрабро и подолгорочно, но и да испрати порака дека Штип може да биде центар на настани кои носат современи теми, практични решенија и нова енергија за економски и професионален развој. Со поддршка од партнери, компании и институции, меѓу кои и Општина Штип, конференцијата се позиционира како платформа за поврзување, инспирација и развој на претприемачката култура во градот.
































