Македонскиот културен центар во Истанбул и Кинотеката на Македонија информираат дека Македонија ќе биде дел од програмата на „Филмските денови на Бејоглу“ во Истанбул, преку проекцијата на дигитално реставрираните филмови на легендарните браќа Манаки – првите сниматели на Балканот.
Проекцијата ќе се одржи денеска, со почеток во 16 часот, во киното „Бејоглу“ во Истанбул.
Под насловот „Филмови на браќата Манаки“, публиката ќе има можност да проследи автентични документарни снимки создадени во периодот од 1905 до 1918 година, кои претставуваат непроценливо визуелно сведоштво за животот, културата и историските случувања на почетокот на 20 век.
Во филмскиот опус на Милтон и Јанаки Манаки се забележани сцени од секојдневниот живот, народни танци, верски ритуали, панаѓури и важни историски настани, меѓу кои и Младотурската револуција (Хуриет), како и посетите на султанот Мехмед Петти Решад во османлиска Македонија.
На проекцијата ќе биде прикажана дигитално реставрираната верзија на филмовите, реализирана во соработка меѓу Кинотеката на Македонија и филмска лабораторија во Будимпешта, со што ова значајно филмско наследство е зачувано и достапно за новите генерации.
На почетокот на настанот пред присутните ќе се обратат директорот на Македонскиот културен центар во Истанбул, Диме Ратајкоски, како и директорот на Кинотеката на Македонија, Бошко Грујоски.
Учеството на Македонија на „Филмските денови на Бејоглу“ претставува значајна можност за меѓународна промоција на македонското културно и филмско наследство. Настанот се реализира и во духот на одбележувањето на значајниот јубилеј – 50 години Кинотека на Македонија, институција што веќе половина век континуирано ја чува, ја реставрира и ја промовира македонската филмска меморија, враќајќи ги подвижните слики таму каде што најсилно живеат – пред публиката.
































