Фото: ЕПА

Слободен бродски сообраќај низ Ормускиот Теснец е поприоритетен отколку нафтените полиња и ураниумот на Иран

Американскиот претседател Доналд Трамп покажува колебање во однос на продолжување на воените дејствија кон Иран во рамките на таканаречениот „Проект слобода“ (за спроведување на бродскиот сообраќај во Ормускиот Теснец) што моментно е паузиран. Тоа е забележливо во неговите последни јавни настапи, по кои останува неизвесно дали САД воопшто ќе ја продолжат или можеби и ќе ја прошират дополнително воената акција. Од друга страна, Иран ја толкува одлуката за привремено запирање на „Проектот слобода“ како сопствена воена победа, нагласувајќи го тоа во изјавите очигледно наменети да бидат пркосни кон САД.
Трамп деновиве предупреди дека Вашингтон може да ја ескалира својата воена позиција во Ормускиот Теснец ако не се финализира договорот со Иран, заканувајќи се дека ќе ја оживее и ќе ја прошири паузираната операција „Проект слобода“.
– Ќе тргнеме по друг пат ако сè не биде потпишано – им рече Трамп на новинарите во Белата куќа.
Кога претседателот беше прашан дали САД ќе се навратат на „Проектот слобода“, Трамп одговори негативно, но додаде дека сепак „можеби ќе го сторат тоа“.
– Можеби ќе се навратиме на „Проектот слобода“ ако работите не се остварат. Тоа ќе биде „Проект слобода плус“, што значи „Проект слобода“ плус други работи“ – кажа Трамп без да прецизира какви дополнителни мерки би вклучувала проширената операција.
Пратеникот во консултативното собрание на Иран, Ахмад Моради, претходно ја омаловажи најавата на претседателот Трамп за паузирање на американскиот план за спроведување бродови низ Ормускиот Теснец, нарекувајќи ја „повлекување“. Тој за иранскиот државен медиум ИНСА изјави дека претседателот на САД „сфатил оти решеноста на Иран да управува со Ормускиот Теснец е сериозна и оти Иран нема да се повлече“.
Трамп објави дека го става во мирување „Проектот слобода“ по барања од Пакистан и други земји, додека се обидува да финализира мировен договор со Иран, кој всушност го блокира критичниот поморски пат. САД претходно, од 13 април, воведоа поморска блокада насочена кон иранскиот поморски сообраќај преку Ормускиот Теснец, по што претседателот Трамп порача дека „Проектот слобода“ ќе биде паузиран, иако блокадата на иранските пристаништа од страна на САД ќе остане во сила.
Според агенцијата за бродарство на Обединетите нации, Меѓународната поморска организација, околу 20.000 морнари, распоредени во околу 2.000 брода, се заглавени околу Ормускиот Теснец, вклучувајќи различни видови бродови, од товарни бродови до танкери за нафта. Претседателот на Здружениот штаб на вооружените сили, генерал Ден Кејн, врвен војник на САД, даде малку поинакви бројки за време на прес-конференцијата заедно со Хегсет, велејќи дека околу 22.500 морнари и 1.550 комерцијални брода се заглавени во Заливот.

Што е „Проектот слобода“?

„Проект слобода“ е името што Владата на САД му го даде на својот план за безбедно „водење“ трговски бродови низ Ормускиот Теснец. Трамп рече дека американската воена придружба е „хуманитарен“ гест, додека американскиот министер за одбрана, Пит Хегсет, ја опиша придружбата како „црвено-бела и сина купола“ што се протега над водниот пат.
Американската армија соопшти дека планот предвидува вклучување неодреден број американски воени бродови уништувачи опремени со ракети со долг дострел способни да погодат цели на копно или на море – и повеќе од 100 авиони.
Дронови од различни видови исто така требаше да бидат распоредени како дел од „Проектот слобода“, соопшти Централната команда на САД (ЦЕНТКОМ), која ги надгледува американските сили на Блискиот Исток.
Според ЦЕНТКОМ, во операцијата беше одредено да учествуваат околу 15.000 припадници на американските сили. Хегсет рече дека „Проектот слобода“ ќе „ги заштити невините комерцијални бродови од иранската агресија“ и ќе биде само привремена мерка. Р.С.