Ана, Анастасија
Ѝ пречеше долгото име со кое беше запишана во училишниот дневник и по кое ја прозиваа учителката, наставниците, професорите. Еве сега и таа, прелистувајќи го дневникот, наоѓа понекоја Ана, но Анастасија се појави само двапати – првпат, одамна, кога тукушто се вработи како професорка по македонски и литература – таа Анастасија сега работи во приватна болница како ревматолог, еднаш кога имаше проблем со артроза на палецот на десната дланка, се најде во нејзината ординација, некогашната одлична ученичка се израдува кога ја виде и додека ѝ го прегледуваше болниот палец, советувајќи ја дека ќе ѝ помогне по апче дневно „налгесин“ веднаш по јадење, раскажуваше надолго и нашироко за непријатностите кога порано работела во државната клиника, за мачните месеци околу разводот со Стојан, знаете и тој учеше во нашата гимназија, две години пред мене, дали веќе вие бевте вработени?, на крајот и за непогодностите во пубертетот на синот Борис… возбудено и со мноштво детали како да се исповедува пред својата професорка истоименичка. На крајот, кога конечно излезе од ординацијата, се почувствува толку исцрпено што го заборави името на лекот што подоцна во аптеката се обиде да го одгатне од неразбирливиот ракопис на д-р Анастасија.
Втората Анастасија беше сосема спротивна од првата примерна одликашка, дојде во гимназијата пред неколку години, непокорно, своеглаво девојче во фармерки, намерно и пркосно искинати кај колената. Ѝ беше симпатична иако бегаше од часови, но кога ќе ја подигнеше, одговараше со богати реченици, со некој специфичен, едвај забележлив потсмев во очите. Уште посвоја беше во писмените – додека другите ги повторуваа школски научените реченици, таа како да имаше некој свој тек на свеста. Се сеќава како ја почна писмената за „Ловецот во ржта“ на Селинџер: „Не очекувајте да напишам колку Холден е неприлагоден. Вистината е дека тој е единствениот нормален во светот полн со фолиранти“. Не издржа повеќе од две години во гимназијата, се пресели, побегна во друга со меѓународна матура. Еднаш ја сретна на едно скалесто мовче во паркот, Анастасија ја поздрави со „добар ден“ и кимнување со главата. И продолжи понатаму.
Во преполнетиот автобус едносложните зборови и тризборните реченици се бркаат и наттрчуваат едни на други. Заедно со средношколците од гимназијата, по часовите, се вози кон центарот. Ѝ отстапија место, навистина, и толку. Пак се вратија на своите извици, туркање и викотници. Стисната на своето седиште, веднаш до една слабичка збунета старица, ѝ се чини дека учениците комуницираат на некој пелтечав странски јазик, одомаќен меѓу овие млади верници на Мобилниот Телефон. А им се наближува, помисли, уште помоќен узурпатор – ВИ! Понекогаш и во училницата, тие се растрчуваа и трескаа како да се во гласно некое сврталиште, па таа, додека се обидуваше да ги смири, си заличуваше на зазбивтана фигура на комична професорка од тинејџерските холивудски лимонади.
Биографиите на овие осумнаестгодишници ќе се насочат кон светот на совршените имитации. Каков Борхес, двојниците ќе станат обично неопходно секојдневие.
Ѝ посака убава вечер на старицата, некако се истурка до влезот и се симна на станицата кај Буњаковец. Преку Партизанска, па уште стотина чекори до станот.


































