Компанијата „TESSA Energy“, која во 2024 година ја презеде во управување поранешната Топлана Скопје Север, денеска ја пушти во употреба новата когенеративна постројка, инвестиција вредна 2,5 милиони евра.


Двата генератори имаат капацитет за производство на 2,1 мегават електрична и 2,6 мегавати топлинска енергија. Отпадната топлина од производството на електрична енергија се користи во системот на „Енерџи Еколинк“ за загревање вода за околу 500 домаќинства и 14 институции во општините Чаир и Бутел.
Управителот на „TESSA Energy“, Ајри Шеј, истакна дека ова е само првата фаза од планот за трансформација на поранешната топлана во современ енергетски центар.
– Не инвестираме само во постројка и опрема, инвестираме во домашно производство на енергија, во поголема енергетска сигурност, во современа инфраструктура, во домашна економија и во заштита на животната средина – рече Шеј.
Тој најави дека во втората фаза е планирана инвестиција од 10 милиони евра, која предвидува изградба на нова когенеративна електрана со инсталирана моќност од 10,5 мегавати.
Според Шеј, целта е постојната инфраструктура да се модернизира и да се трансформира во современ центар за комбинирано производство на топлинска и електрична енергија.
Премиерот Христијан Мицкоски ја оцени инвестицијата како значаен проект во енергетиката, особено пред претстојната грејна сезона.
– Когенеративна централа значи дека во исто време ќе произведува и топлина за затоплување на домовите на граѓаните, но и електрична енергија. Тоа навистина претставува успешен проект – рече Мицкоски.
Тој додаде дека Владата ќе продолжи да поддржува вакви инвестиции, кои, како што посочи, придонесуваат и за намалување на емисиите и подобрување на квалитетот на животната средина.
Вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски оцени дека инвестицијата покажува оти и домашните компании можат да бидат во чекор со светските трендови.
– Домашни компании покажуваат дека можат да се во чекор со највисоките светски трендови. Како Министерство за транспорт ќе продолжиме да ги поддржуваме овие инвестиции – рече Николоски.
Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини Сања Божиновска истакна дека новиот капацитет значи дополнително домашно производство и поголема сигурност на енергетскиот систем.
– Секој нов мегават домашно производство значи дополнителен капацитет и поголема отпорност на нашиот систем во услови на променливи цени и неизвесности на европските и светските енергетски пазари – порача Божиновска.
Министерот за животна средина Муамет Хоџа посочи дека инвестицијата е пример дека економскиот развој, енергетската сигурност и заштитата на животната средина можат да одат заедно.
Тој нагласи дека искористувањето на отпадната топлина овозможува загревање на водата за домаќинства и институции во Чаир и Бутел, а најавената втора фаза дополнително ќе го зајакне системот за централно греење и домашното производство на електрична енергија.






























