Обид во Софија со институционални поднесоци да се избрише цел еден народ
- Лидерот на бугарската радикална десница Преродба, Костадин Костадинов, во бугарското Народно собрание официјално поднесе иницијатива со која бара македонскиот јазик со законски и институционален акт да биде третиран единствено како „бугарски дијалект“. (!?) Ова не е
инцидентен настап на Костадинов, туку континуирана платформа на неговата партија Преродба, која преку негирање на македонскиот
национален супстрат демонстрира класични фашизоидни елементи, собирајќи евтини политички поени на домашната сцена
Нова провокација од Бугарија, овој пат од највисокиот законодавен дом, парламентот во Софија, повторно го отвора најчувствителното прашање во односите меѓу Македонија и Бугарија, односно правото на македонскиот народ самиот да ги именува и да ги афирмира сопствениот јазик, идентитет и културно наследство. Се работи за тоа дека бугарскиот пратеник Костадин Костадинов, лидер на Преродба, поднел иницијатива во бугарскиот парламент со која „македонскиот јазик би се третирал како дијалект на бугарскиот јазик“. (!?)
Пратеникот Костадинов и претходно јавно настапуваше и во повеќе наврати ги повторуваше своите шовинистички тези дека македонските говори се дел од бугарското јазично подрачје и дека „Македонците се Бугари и тие биле и ќе бидат еден ист народ“. (?!)
Ова не е инцидентен настап на Костадинов, туку континуирана платформа на неговата партија Преродба, која преку негирање на македонскиот национален супстрат демонстрира класични фашизоидни елементи, собирајќи евтини политички поени на домашната сцена.
Политички лингвицид што се граничи со фашизам
– Зад оваа иницијатива во Собранието на Бугарија се крие брутален, оголен националшовинизам, кој во својата суштина кокетира со најтемните идеологии на минатиот век. Обидот со декрет и собраниска резолуција да се преименува и деградира јазикот на една суверена нација не е ништо помалку од обид за политички лингвицид. Ваквите ставови директно се граничат со фашизоидни матрици, бидејќи во својата срж имаат цел целосно деноминирање, деперсонализација и бришење на еден посебен народ со автентична историја, култура, посебност и традиција – велат неколку наши соговорници, универзитетски професори на УКИМ од областа на историјата, лингвистиката, правото и политичките науки, со кои телефонски контактиравме веднаш по добиената информација за настанот во бугарското собрание.
Правото на јазик е суверено и неприкосновено право
– Правото на јазик е суверено и неприкосновено право Тоа е втемелено во највисокото перемпторно право (jus cogens) за самоопределување и изјаснување на народите и на индивидуите. Никој, а најмалку политички транзитен шовинист од Софија, нема право да му го одземе прерогативот на македонскиот народ на сопствениот лингвистички и национален идентитет. Македонскиот јазик не е нуспроизвод на административни одлуки, туку жив, кодифициран и меѓународно признаен јазик со сопствен историски развој и дијалектна диференцијација – велат нашите соговорници, професори на УКИМ.
ЕУ како заложник на добрососедскиот цинизам, а Брисел поддржувач?!
Оваа иницијатива е само уште една тешка, непобитна потврда за поразителниот факт, а тоа е дека официјална Софија (или во овој случај нејзиниот парламентарен ешалон) едноставно не ѝ мисли добро на односите со соседна Македонија.
– Приказните за „добрососедство“ и „пријателство“ се претворија во празен и циничен декор зад кој се крие истата стара, фрустрирана желба за асимилација и негирање. Со ваквите деструктивни потези, Бугарија уште еднаш јасно става до знаење дека нејзината крајна цел не е европеизација на регионот, туку блокада на Македонија на нејзиниот пат кон Европската Унија. Наместо европски вредности што значат почитување на различностите, од Софија повторно се сервираат анахрони уцени што ја минираат стабилноста и ја оддалечуваат Македонија од ЕУ, претворајќи го проширувањето во заложник на историски комплекси и шовинистички аспирации, поентираат професорите на крајот на нашиот кус брифинг поединечно со сите нив. П.Р.
































